На утрешната седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците е јавната расправа по предлог-законот за Јавното обвинителство.
„Јавната расправа за јавниот обвинител е утре во 12.30 часот. На седницата в среда ќе биде само таа точка, но утре ќе видиме дали некоја друга точка ги исполнува условите. Тоа е битна точка. Мислиме дека изборот на јавен обвинител е доста битна работа. Секој што ќе сака од пратениците ќе може да зборува на седницата. Седницата се води по член 120 од Деловникот, се пријавува сакој што сака да зборува и дискусијата тече додека да се исцрпи листата на пријавени“, рече Гаши на денешниот бригинг со новинарите.
Одговарајќи на прашање за изјавата на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, Гаши нагласи дека секој носител на функција треба да биде внимателен во давањето изјави.
„Како политичар и како раководител на една битна институцијата, како што е Собранието, никогаш не влегувам и се обидувам да не влегувам во конфликт со никоја институција, ниту со политичар ниту со носител на јавна функција. Секогаш сум повикувал на внимателност во давање изјави, особено кога се работи за меѓуетнички односи. Сите треба да бидеме внимателни затоа што тие се фрагилни и се столб на стабилноста на оваа држава“, рече тој.
Во врска со изјавата на Костадиновски, во која вели дека „Собранието е уставно недисциплиниран орган и затоа Уставниот суд повеќе нема да толерира непочитување на неговите одлуки“, Гаши потенцира дека законодавниот дом ја извршува функцијата по Устав, закон и Деловник.
„Секоја институција, особено едно од најбитните – Уставниот суд и Собранието, а за кои Уставот има одредено јасни компетенции и ингеренции, треба да ја врши својата функцијата врз основа на Уставот и законите. И ние се обидуваме таа функција да ја извршуваме по Устав, закон и Деловник. Исто така, и нему и на сите носители на јавни функции им го препорачувам истото. Секој да се грижи за својата институција. Нормално е и треба да се грижиме и за другите. Можеме да си дадеме критики едни на други, демократско општество сме“, рече тој.
„Потенцира дека она што зависи од него го прави и ќе продолжи да го прави на најсовесен и најодговорен начин. – Кога се носи еден закон, тоа не зависи само од Собранието. На пример, Законот за електронските комуникации, Кривичниот законик, тоа се обемни и сложени закони, кои бараат експертиза и не зависи од Собранието кога ќе го донесе. Тоа зависи од низа институции, особено кои се врзани за Владата, каде што се ресорите. Кога ќе го донесе Владата или одредено Министерство предлог-законот, ние веднаш да не постапуваме, ама јас ви тврдам дека сме биле експедитивни. Треба да се сфати целата процедура како се носи еден закон, кој го предлага, како се крои еден закон, како се пишува, како се гласа итн. Кога би ја имале предвид целата слика, тогаш би биле сите повнимателни за оан што го зборуваме“, рече Гаши.
За формирањето на анкетните комисии за Кочани и другите трагедии, Гаши изјави дека нема ништо ново и оти останува пратеничките групи да се организираат во согласност со Деловникот или да пратат состав до собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата и да почне со работа.
Претседателот на Собранието рече дека сите прашања што се однесуваат на изборниот процес треба да се отворат на состаноците на работната група формирана за Изборниот законик.
„Да, апсолутно. Да, да, да, апсолутно мислам дека тука е местото. Затоа е формирана таа работна група. Ако веќе правиме измени или нов изборен законик, тука треба да се да се договорат сите фактори на одлучување. Сите политички партии имаат претставници, Министерството за правда, сигурно ќе се консултираат и со другите институции, како што се Државната изборна комисија, АВМУ и државниот ревизор, кои се имплицирани фактори во имплементација на Изборниот законик. Јас мислам дека треба да се прошири и со други институции што помагаат во реализирање на изборите, така што најдоброто место е токму таму“, рече претседателот на Собранието, Гаши.
Ги сакам отворените листи, но би поддржал сè што произлегува од таа работна група, која консензуално ќе се договори – истакна на денешниот брифинг со новинарите претседателот на Собранието, Африм Гаши.
„Би го прифатил она што ќе се прифати од мнозинството пратеници од работната група. Мислам дека би требало да се направи анализа и врз основа на анализите и аргументите треба да се носи одлука. Понекогаш ние имаме некоја перцепција за изборите и тргнуваме од тоа, но аргументите може да нè демантираат, а на крајот на краиштата, најбитен е консензусот, да се договориме за нешто сите заедно. Така што мојот одговор е принципиелен. Јас би поддржал сè што произлегува од таа работна група, која консензуално би се договорила. Ги сакам отворените листи. Мислам дека е здраво за демократијата да има отворени листи. Каков и да е изборниот модел, како и да е, јас мислам дека отворените листи се подемократски начин на изразување и дека граѓаните ќе имаат можност да изберат и личност, што е многу битно во демократијата“, рече Гаши.
Прашан дали власта е подготвена во овој момент да го отвори Уставот заради Изборниот законик, Гаши потенцира дека тоа прашање не е дл од неговиот делокруг на работа.
„Па не можам да ви кажам, немам комуникација во овој аспект со мнозинството и со Владата. Не е дел од мојот делокруг на работа. Сепак, тоа е работа која треба да се одлучи на политичко ниво во ниво на лидерите на политичките партии кои го составуваат парламентарната мнозинство“, рече тој.
Во однос на Законот за извршување кој е пред Уставен суд, Гаши потенцира дека тоа е сензитивно прашање и мора брзо да реагираме. Посочи дека сите институции треба да имаат слух по прашањето, а не само некоја една институција во алката на институции до решавање на проблемот ако закочи, се кочи процесот.
„Процедурата е иста. Пак, по секоја одлука на Уставниот суд, ние веднаш постапуваме и нормално ќе бараме мислење пак од Владата. Повиканите министерства и институции ќе ги прашаме затоа што кај нив е експертизата. Тие ги предлагале законите, кај нив се експертите и ќе настојуваме да се донесе во најбрз можен рок“, рече тој.
Гаши не сакаше да ги коментира за разговорите во ВРЕДИ и за тоа на која политичката партија се очекува да и припадне функцијата генерален секретар.






