сабота, 7 јуни 2025

Гаши: Сцената се чисти, се знае како ќе продолжи да работи Собранието

Првиот човек на Парламентот Африм Гаши на прес-конференција по повод една година од овој парламентарен состав рече дека парламентарното мнозинство е стабилно, но можно е да се зголеми Се чисти сцената, додаде тој, и се знае како ќе продолжи со работа Собранието.

Објавено на

часот

Сподели

„Можно е и да се зголеми. Зборуваме за над 70 пратеници… Во оваа ситуација зборуваме за околу две третини во Собранието“, рече Гаши нагласувајќи дека за нив е што поважно што поголем број пратеници да се приклучат на искрената заложба за зголемување на животниот стандард да се реализира.

Гаши посочи дека Собранието ќе го ратификува договорот за стратешко партнерство со Велика Британија што подразбира инвестиции од шест милијарди со конкретни проекти.

„На повидок е успешна година која очекуваме дека ќе влијае на сите граѓани“, рече Гаши.

Во однос на уставните измени, го повтори ставот дека е потребна предвидливост на процесот за да бидеме сигурни дека тој нема да биде билатерализиран. Гаши кажа дека на сите средби надвор од државата и со странски претставници се бара поддршка за да нема повторна блокада за нашиот почеток на преговори со ЕУ.

Претседателот на Собранието на прес-конференцијата најави закон за прогласување безбедносна зона околу Собранието, чијшто драфт бил поделен на координаторите на пратеничките групи на последната средба. -Собранието да има свој двор и сопствен паркинг, рече Гаши објаснувајќи дека земјиштето околку парламентарната зграда, којшто бил во приватна сопственост, со законот да може да се откупи и да стане државна сопственост. Притоа тој не кажа колку средства ќе бидат потребни за оваа намена и дали тоа ќе биде покриено од Буџетот на Собранието или не.

Во однос на законот за правичната застапеност, Гаши кажа дека се уште е во подготовка.

Негов приоритет, како претседател на Собранието во изминатата година, било остварување на законодавната функција, преку редовно свикување на седници, воспоставување праведни и правични практики, вклучувајќи го и спречувањето на злоупотребата на ЕУ- знамето, како и координацијата и развојот на конструктивен дијалог со пратениците и институционалните актери со цел постигнување консензус во донесувањето одлуки.

„Собранието како дом за сите не е само слоган, туку реална заложба со конкретни чекори“, рече Гаши.

По повод една година од овој парламентарен состав Кабинетот на претседателот подготви извештај кој што може да се погледне на веб страната на Собранието.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ