„Очекуваме и чекаме уште малку да видиме дали може да донесеме закони и да не попречиме во работата на другите институции. Ќе гледаме да ги искористиме максимално овие денови. И во утврден датум каде што е во рамките на законските термини ќе ги распишеме изборите но тоа ќе биде во прва половина од август“, истакна Африм Гаши кој имаше средба Биљал Касами, градоначалникот на Тетово и претседател на Движење Беса.
Касами на новинарско барање ги коментираше одлуките на раководството на ДУИ како кандидати за градоначалници да ги номинира во Тетово, Бајрам Реџепи и во Чаир, Бујар Османи. Јас гарантирам дека кадидатите на Вреди кој да биде и за Тетово и за Чаир ќе бидат далеку подобри ќе бидат кандидати на граѓаните и за граѓани, оцени Касами.
„Ако кажам од позицијата која ја има во партијата, тој е втор човек после Ахмети но реално не е тоа што очекуваа граѓаните од Тетово од ДУИ и од нивната коалиција. Оценуваме дека ДУИ има многу други подобри кандидати, но сепак е нивна одлука. Ако ми се даде мене можноста за Тетово, сигурно дека ќе имаме што да понудиме. За нас е важно да продолжиме да бидеме 24 часа во служба на граѓаните, а граѓаните се тие кои ќе одлучат дали ќе прифатат една или друга опција. Во Чаир исто така ценам дека Бујар Османи не е соодветен кандидат, ДУИ исто и таму има подобри можности, но тоа е нивна одлука“, посочи Биљал Касами.
Гаши денеска во Тетово присуствуваше на отворањето на канцеларија во која ќе може граѓаните да закажуваат средби со пратениците од оваа изборна единица. Канцеларијата е сместена во објектот на поранешното Радио Тетово.
„Ова е прв пат општина Тетово да биде посетена од еден претседател на Собранието. За нас е многу важно да ја имаме оваа комуникација меѓу локалната и централната власт во овој случај, Собранието, имајќи предвид дека делиме сфери на заеднички интерес, а тоа е претставување на граѓаните како на локално, така и на централно ниво. Канцеларијата на пратеникот е заеднички проект на Собранието и Општина Тетово“, рече градоначалникот Биљал Касами.
Претседателот на Собранието рече дека отворањето на вакви канцеларии е дел од заложбата да има што е можно повеќе места за комуникација со граѓаните.
„Во низата на средби што ги имаме по општините со иницијатива да отвориме што повеќе канцеларии на пратениците во општините за да се овозможи контакт на граѓаните со пратениците, денеска сме во Тетово да отвориме уште една канцеларија, со што го достигнуваме бројот 51 општина. Тоа е навистина респектабилна бројка. Во текот на една година се постигнала таа бројка. Се обидуваме во секоја општина од кај што има пратеници да отвориме канцеларија, каде што пратениците кои доаѓаат во таа општина ќе можат преку своите асистенти да закажуваат термини и средби со граѓаните“, рече Африм Гаши.
Во текот на денешната посета освен Општина Тетово, Гаши посети повеќе установи и институции од областа на културата.






