четврток, 29 јануари 2026

Гаши: Добро е да има меѓупартиски договор за потребата од техничка влада, да не се ставаат пратениците пред свршен чин

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска истакна дека не верува оти без да има некој начелен договор помеѓу партиите, Владата да предложи законски измени за укинување на техничката влада.

Објавено на

часот

Сподели

„Можам да кажам дека сè уште нема никаков предлог од Владата во однос на оваа тема. Се согласувам дека за закони што се од поголема важност, особено за Законот за работата на Владата, мислам дека треба да се договраме повеќе пред да ги донесеме пратениците пред свршен чин. Но мислам дека лидерската средба беше токму во таа функција. Мислам дека разговорите течат. И не верувам дека Владата, без да има некој начелен договор помеѓу партиите, ќе предложи нешто толку големо и круцијално, но сепак зависи од нив“, рече Гаши на денешниот брифинг со новинарите.

Потенцира дека кога ќе пристигне предлогот од Владата, ќе го достават до пратениците и ќе почне процедурата. Нагласи дека потоа и политичките партии, но и граѓаните, ќе ценат дали е во ред тоа или не.

На новинарско прашање дали се подготвени како владејачко мнозинство да гласат за укинување на техничката влада без согласност од опозицијата, Гаши рече дека законот тоа го овозможува и не го забранува, но смета дека треба да се постигне договор.

„Особено за такви работи за кои заедно се дошло до такво решение. Мислам дека подобро би било сите заеднички да се договориме кога престанува потребата од таква техничка влада. Сега, ако се настојува да се пристапи инаетчиски или унилатерално и тврдоглаво да се застане зад некој став, тоа е друга работа. Но, треба да се аргументира и да се дојде до решение што сите заедно еден ден ќе кажеме – оваа техничка влада веќе не ни треба. Ако дојде до таков момент, мислам дека е добро заедно да го изгласаме тоа решение. Воопшто зборувам во принцип, силината на аргументите да бидат битни за решавање на проблемите, а не некој посебен интерес на некоја политичка партија“, рече спикерот Гаши.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ