понеделник, 6 април 2026

Гаши: Битно е да имаме добар, кредибилен, со фер правила на игра Изборен законик

Претседателот на Собранието, Африм Гаши на денешниот брифинг со новинарите нагласи дека не е битно дали ќе биде нов или изменет, туку како што рече, да имаме добар изборен законик. За најавата на министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски дека следниот попис на населението ќе се спроведура електронски, Гаши нагласи дека битно е тој да биде спроведен на најдобар и кредибилен начин.

Објавено на

часот

Сподели

„Работната група за Изборниот законик в среда ќе има нов состанок. Работат интензивно. Се надеваме дека ќе дојдат до решение. Мое мислење е да имаме добар Изборен законик. Не е битно дали е нов или изменет. Не е битно како ќе дојдеме до тоа. Битно е да имаме добар, кредибилен, со фер правила на игра, каде што сите би се чувствувале еднакви пред законот“, рече Гаши.

За најавата на министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски дека следниот попис на населението ќе се спроведура електронски, Гаши нагласи дека битно е тој да биде спроведен на најдобар и кредибилен начин.

„Мислам дека тоа е прашање на надлежните институции што ги спомнавте одговорни за да го спроведуваат тоа. Ако тие се чувствуваат подготвени, одлично е. Ние немаме нешто против да биде што полесно. Битно е пописот да биде спроведен на најдобар и кредибилен начин, да веруваат граѓаните дека информациите се кредибилни. Начинот како ќе се извршува, ако е најлесен тој дигитален начин или најкредибилен, тогаш одлично, се согласувам и јас. Нема никаков проблем“, рече Гаши на денешниот брифинг со новинарите.

Во однос на тоа дека во следниот попис ќе биде опфатено само резидентното население, претседателот на Собранието порача дека треба што помалку политизирање на таквите процеси.

„Пописот е статистичка постапка која се спроведува според Евростат, тоа се меѓународните критериуми, треба да ги следиме. Што помалку политизирање на таквите процеси, тоа подобро. За жал, склони сме да политизираме се и си правиме штета сами на себе. Ако ги гледаме објективно работите зошто ни требаат тие постапки, би имале друг пристап. Јас сум склон на деполитизирање на процесите“, потенцира Гаши.

Претседателот на Собранието информира дека утре ќе оствари средба со досегашните претседатели на законодавниот дом. Како што нагласи, неговата идеја за ваква средба била за да се искаже почитт кон нив, но и како тие да помогнат и да ги пренесат своите искуства како поранешни претседатели на Собранието.

„Веќе имавме една средба, помеѓу првиот и вториот изборен круг. Идејата беше моја да најдеме начин како да го искористиме искуството на поранешните претседатели на Собранието. Мислам дека тоа е бесценето искуство, кое за секој актуелен претседател на Собранието би било добро да го искористи. Како идеја ја искажав на тој состанок и видов дека сите други поранешни претседатели беа согласни и многу добро ја пречекаа идејата. На првата одржана средба не дојдоа само Талат Џафери и Јован Митрески. Присуствуваа четворица поранешни претседатели. Не е нешто задолжително. Тоа е по нивна волја. Сите поранешни претседатели на Собранието се поканети на средба, а утре ќе видиме кој ќе дојде. Ќе разговараме како тоа би го формализирале, да биде советодавно тело. Идејата има две компоненти – првата е да се искаже почитта кон нив и втората е да се искористи нивното искуство. Ние и тој ден кога разговаравме, увидовме дека некои проблеми со кои тие се соочувале ги имаме и ние денеска“, рече тој.

Гаши истакна дека Македонија слабо стои во делот на користењето на искуствата на поранешните функционери, без разлика дали се претседатели на држава, премиери, пратеници..Неговата намера е овие средби да станат редовна пракса најмалку три пати во годината, но по потреба да може да се одржуваат и ад-хок.

„Ние можеме да имаме идеолошки и партиски разлики, но кога сте вршеле таква битна функција, тогаш тоа е над идеологиите и политичките разлики. И тоа искуство што сте го стекнале, не можете да го чувате само за себе. Тоа искуство треба да го пренесеме и да најдеме начин како да го употребиме“, рече тој.

Гаши информира дека денеска или утре ќе биде објавен огласот за изборот на член на Судскиот совет, кој претходно беше поништен.

Спикерот соопшти дека воспоставена е нова практика пратениците да се вклучат директно на Собранискиот канал пред почнувањето на пратеничките прашања.

„Ги информирав сите пратенички групи да бидат во тек, да соработуваат со Собранискиот канал. Мислам дека ова е во интерес на граѓаните, да бидеме достапни и да го развиеме и Собранискиот канал во делот на гледаноста на Собранието, рече тој.

На новата собраниска седница закажана за 8 април на дневен ред ќе биде поставување пратенички прашања од опозициските пратеници.

Заради велигденските празници, како што информира Гаши, на координацијата со координаторите на пратеничките групи разговарале во среда да бидат свикани седниците на комисиите за в четврток да не работат пратениците.

Во Собранието в среда ќе се одржи и настан по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на Ромите 8 Април, во организација на Интерпартиската парламентарна група за поддршка на правата на Ромите,  нивна инклузија и интеграција во Македонија.

МИА

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ