„Патот, кој е од витално значење за комуникацијата и секојдневниот живот во Галичник, во моментот е сериозно оштетен. Состојбата е таква што има потенцијал целосно да се прекине пристапот до нашата заедница. Ситуацијата претставува опасност не само за безбедноста на луѓето, туку и за нормалното функционирање на сите активности во местото“, се наведува во информацијата од месната заедница Галичник.
Претседателот на месната заедница Огнен Караѓозовски посочи дека за проблемот ги известиле ЦУК и МВР и апелира до надлежните институции за итна интервенција и санација на патот.
Тој напомена дека Галичник, како културно наследство од национално значење и симбол на традицијата и историјата на Македонија, не може да си дозволи ваков прекин, особено во пресрет на летната сезона, кога се очекуваат зголемен број гости и културни настани.