Од клиниката посочуваат дека веднаш било постапено согласно сите предвидени протоколи, нагласувајќи дека вакви технички дефекти можат да се случат секаде и не можат целосно да се предвидат или контролираат. Сепак, како што информираат, системите и персоналот биле подготвени за брза реакција, при што ниту еден живот на новороденче не бил загрозен.
Клиниката располага со современ систем за алтернативно напојување во случаи на прекин на електрична енергија, а во конкретниот случај бебињата континуирано ја добивале потребната терапија и кислород без никаков застој.
Дополнително, од установата информираат дека медицинскиот персонал на Одделението за интензивна нега и терапија редовно се обучува, при што на секои две години поминува обука за реанимација, која вклучува и справување со несакани ситуации, како што е откажување на техничка опрема.
Од Клиниката упатуваат смирувачка порака до родителите и идните родители, нагласувајќи дека нема простор за загриженост за здравјето на новороденчињата и останатите пациенти.
Во моментот на Одделението за интензивна нега се згрижени 48 новороденчиња, додека во просторијата каде што се случил прекинот имало шест. Медицинскиот персонал е постојано присутен и 24 часа се грижи за нивната безбедност и здравје.






