сабота, 14 март 2026

Г.г. Стефан: Солзите што протекоа за жртвите на пожарот во Кочани станаа болка за сиот наш народ

Еве, помина една година од таа трагична ноќ во која настрадаа бројни млади македонски чеда. Времето продолжи да тече, деновите станаа бестрајни месеци, а месеците исполнија веќе и цела година. Солзите што протекоа, течат без престан и станаа секојдневие за сите мајки и татковци, за многу роднини и пријатели, станаа болка за овој крај и за сиот наш народ. А солзите дури и да престанат, тагата не исчезнува, таа останува длабоко во срцата на најблиските, рече архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, откако денеска заврши светата архиерејска литургија и општиот парастос за упокоените во црквата Св. великомаченик Георгиј во Кочани.

Објавено на

часот

Сподели

„И светата црква сочуствува и ја разбира таквата тага. И овој пат се уверивме колку смртта е трагична, особено кога од овој свет ненадејно и трагично заминуваат млади луѓе. Па и пресвета Богородица како мајка ја исполнувале такви чувства и таква тага кога ги гледала настаните на Голгота“, потсети во своето обраќање архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан.

„Нашите мили во Господа, нашите прерано заминати деца, браќа, сестри, внуци , роднини, пријатели засекогаш ќе ни недостасуваат и тоа чувство е природно, но покрај нашата тага треба да се надеваме дека оние што починале во Христа ќе бидат вечно со него. А, додека дојде тој ден, црквата заедно со најблиските на покојните молитвено ќе се сеќава на своите упокоени чеда, и во секоја молитвена прилика ќе си спомнува за нив. И затоа, денеска исполнети со неизмерна тага, стоејќи со силна вера, да се помолиме Господ  да им дарува покој во место светло, во место мирно, во место за одмор, каде што нема ни болка, ни тага ни воздишка, туку живот бесконечен. Нека им е вечен споменот“, порача архиепископот г. г. Стефан, пред присутните членови на семејствата на починатите и повредените во трагичниот пожар од март, лани и пред сите што ја следеа светата архиерејска литургија и општиот парастос за упокоените во црквата Св. великомаченик Георгиј во Кочани, со што започна одбележувањето на годишнината од трагичниот пожар што го потресе Кочани.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ