Во посланието, поглаварот на МПЦ-ОА порачува верниците да не се обесхрабруваат од неправдите и беззаконието во современиот свет, туку да го сообразуваат својот живот со Христовите заповеди, дури и тогаш кога добрите дела изгледаат мали и незабележливи.
Г.г. Стефан потсетува дека Божиќ не е само спомен на минат настан, туку живо откровение на Божјата љубов и намера човекот да живее во заедница со Бога. Со Христовото раѓање, како што се наведува, светлината ја победила темнината не со сила, туку со љубов, носејќи мир, надеж и спасение за целиот човечки род.
Во посланието се нагласува дека секој човек во себе носи копнеж по Божјото присуство и дека средбата со Христос го преобразува човекот, поттикнувајќи го кон доблест, вистина и откажување од злото. Верниците се повикуваат да ги преиспитаат сопствените постапки, да ги поправат пропустите и да бидат свесни дека и малите добри дела можат да донесат големи и значајни промени.
Архиепископот Стефан порачува дека, иако живееме во свет во кој често се негираат христијанските вредности, тоа не смее да стане прифатливо и вообичаено, туку верниците се повикани да останат верни на Христовото учење и да бидат сведоци на доброто.
На крајот од Божикното послание, поглаварот на МПЦ-ОА, заедно со членовите на Светиот архиерејски синод, на сите верници во татковината и низ светот им ги честита Божикните и новогодишните празници со традиционалниот поздрав: „Христос се роди!“, посакувајќи благословено и среќно ново лето Господово.






