Извештајот се фокусира на македонското малцинство и нивната борба за правата впишани во закон да се применуваат во реалноста.
Иако Албанија формално го призна македонското малцинство според Законот за заштита на националните малцинства од 2017 година, заедницата продолжува да се соочува со дискриминација и слабо спроведување на постојното законодавство. Признавањето останува во голема мера ограничено на регионот Мала Преспа/Пустец, при што Македонците во Голо Брдо и Гора доживуваат значително помала заштита во употребата на јазикот, образованието и политичкото учество. Овие недоследности одразуваат поширок јаз помеѓу законот и практиката во пристапот на Албанија кон малцинските права.
Во извештајот пишува и за историската и политичката позадина на македонското малцинство, следејќи како административните реформи и ограничената застапеност ја продлабочиле маргинализацијата. И покрај обврските на Албанија според Рамковната конвенција на Советот на Европа за заштита на националните малцинства и други меѓународни инструменти, телата за следење продолжуваат да забележуваат бавен напредок и нееднаква имплементација на правата низ регионите.
ФУЕН ја повикува албанската влада целосно да го спроведе Законот за малцинства и да ги усвои неусвоените закони неопходни за негово спроведување. Исто така, ги повикува националните власти да ги зајакнат институционалните механизми одговорни за заштита на малцинствата и да обезбедат фер пристап до образование, култура и политичко учество за сите македонски заедници низ цела Албанија.
Федералната унија на европски националности (FUEN)ве главен застапник и најголемата чадор организација на автохтоните национални малцинства, националности и јазични групи во Европа. Под својот чадор, таа моментално обединува повеќе од 100 организации-членки од 38 европски земји, а секоја година се приклучуваат нови членови.






