Како што е наведено во публикацијата на Фајнанс тинк, забрзувањето е најмногу водено од растот во бруто инвестициите (30,6 отсто), што е одраз на инвестициските активности во приватниот сектор и на инфраструктурните инвестиции на државата и општините.
„Сепак, растот на бруто инвестициите е варијабилна компонента на растот на БДП и непоходно е да се следи неговото однесување во следниот период. По подолг временски период, растот на приватната потрошувачка спласна за 0,9 отсто, иако растот на доходите, и особено на платите (10 отсто), продолжи, а кредитниот раст на домаќинствата забрза (10,8 отсто). Извозот кој е 3,4 отсто и увозот 9,9 отсто продолжија со внимателни растови како одраз на неизвесностите кај трговските партнери на европскиот континент и на царинската политика на САД. На производната страна, растот во овој квартал е на релативно широка основа како и претходно, но јасно е воден од градежништвото (21 отсто)“, велат од Фајнанс тинк.
Според Макроекономскиот монитор на ФТ, невработеноста во третиот квартал од 2025 година не се промени, на 11,5 осто.
„Но, зголементата активација на населението, 52,5 отсто од 52, 2 отсто, придонесе вработеноста благо да се зголеми на 46,5 отсто од 46,2 отсто. Растот на вработеноста е доминантно резултат на раст на неформалната вработеност, која продолжи да се зголемува и во овој квартал се искачи на 14,3 отсто. Стапката на слободни работни места (2,02 отсто) во овој квартал остана слична како и во претходните, што упатува дека недостигот од нискоквалификувани работници останува хроничен, а најпогоден сектор е угостителството и туризмот. Овие движења на пазарот на труд укажуваат на помала воздржаност од претходно, но сепак условите се влошени“, велат од ФТ.
Оттаму додаваат дека во третиот квартал од 2025 година, инфлацијата повторно забрза на 4,4 отсто на годишна основа од 3,8 отсто.
„Во овој квартал, упорната инфлација е главно сврзана со ефектите од порастот на доходите врз потрошувачката (раст на базичната инфлација од 5,2 отсто). Овие ризици налагаат потреба од понатамошна претпазливост и од фискалната и од монетарната страна“, предупредуваат од ФТ.
Според нив, динамиката на економијата од овој квартал се очекува да продолжи до крајот на 2025 година и во текот на 2026 година.
„Ризик за растот остануваат глобалните неизвесности, а на домашната сцена динамизираниот раст е неопходно да е придружен со консолидирана фискална политика. Фајнанс тинк останува на проекцијата за реален раст на БДП во 2025 од 3,5 отсто дадена во декември 2024 година. Проекцијата за растот на БДП во 2026 година изнесува 3,8 отсто, додека проекцијата за инфлацијата 2,7 отсто“, прогнозираат од Институтот за економски истражувања и политики, Фајнанс тинк.






