сабота, 7 март 2026

ФТ: Економијата расте, ризиците остануваат, потребна е фискална и монетарна претпазливост

Македонската економија во 2025 година бележи стабилен раст, но истовремено се соочува со структурни слабости кои можат да создадат нови инфлаторни притисоци и да го ограничат идниот развој, покажува најновиот Макроекономски монитор на Институтот за економски истражувања и политики Фајнанс тинк (ФТ).

Објавено на

часот

Сподели

Според анализата, економскиот раст во земјата се движи околу 3,5 проценти во 2025 година, со очекување да достигне околу 3,8 проценти во 2026 година, што според ФТ е во линија со последните макроекономски показатели.

„Во овој квартал, растот е повеќе воден од личната потрошувачка (два отсто) и извозот (9,7 отсто). Растот на личната потрошувачка за целата 2025 (2,2 отсто) е одраз на растот на доходите, и особено на платите (номинално 9,6 отсто) и на кредитите на домаќинствата (10,4 отсто). Јавната потрошувачка благо забрза во четвртиот квартал (6,4 отсто), а растот во текот на целата 2025 (5,3 отсто) е во линија со остварениот буџетски дефицит од четири отсто, кој е одраз на ограничена фискална консолидација“, се наведува во документот на ФТ.

Што се однесува до производната страна, анализата покажа дека „растот во овој квартал е на релативно широка основа како и претходно, но продолжува да биде воден од градежништвото“ со 14,6 отсто.

„Невработеноста во четвртиот квартал од 2025 се намали незначително, на 11,4 отсто. Зголементата активација на населението, придонесе вработеноста да се зголеми на 46,8 отсто. Неформалната вработеност, иако во овој квартал се намали, остана на високо ниво од 12,7 отсто од вкупната вработеност. Стапката на слободни работни места се зголеми на 2,14 отсто, што упатува дека недостигот од работници останува хроничен и потенцијално интензивирачки, а најпогоден сектор е угостителството и туризмот“, потенцираат од ФТ.

Во четвртиот квартал од 2025 година, инфлацијата само благо забавила на 4,2 отсто на годишна основа.

„Упорната инфлација и понатаму е главно сврзана со ефектите од порастот на доходите врз потрошувачката (раст на базичната инфлација од 4,4 отсто). Овие ризици налагаат потреба од понатамошна претпазливост и од фискалната и од монетарната страна“, се наведува во Макроекономскиот монитор.

Анализата укажува дека за одржлив економски раст е потребна внимателна фискална и монетарна политика, со цел да се намалат инфлаторните притисоци и да се зајакне конкурентноста на економијата.

Од ФТ очекуваат динамиката на економијата да продолжи во текот на 2026 година.

„Основната претпоставка за ваквото очекување е отсуство на значајна материјализација на надворешните ризици, особено на геополитичките тензии на Блискиот Исток поврзани со Иран, кои би можеле да предизвикаат нарушувања на глобалните енергетски пазари, трговските текови и економската стабилност. На домашната сцена клучна е консолидирана фискална политика. Проекцијата за растот на бруто-домашниот производ (БДП) во 2026 останува 3,8 проценти, а за инфлацијата 2,7 проценти“, наведуваат од Институтот за економски истражувања и политики, Фајнанс тинк.

И.О.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ