петок, 5 декември 2025

ФТ: Буџетот за 2026 е разумно проектиран, недостасува систем за следење на јавните расходи

Проекциите за растот на буџетските приходи и расходи во предлог-буџетот за 2026 година изгледаат разумни. Сепак, проекциите кријат значајни ризици особено проекцијата за раст на вкупните приходи која се базира на проектираните приходи за 2025 година со ребалансот на Буџетот, за кои е малку веројатно дека ќе се остварат, се наведува во анализата на Фајнанс тинк за предлог-буџетот за 2026 година кој е проектиран на 6,73 милијарди евра.

Објавено на

часот

Сподели

Според анализата на Фајнанс тинк, предлог-буџетот се донесува во услови на интензивирана динамика на економската активност и смирувачка, но сé уште „’леплива’ инфлација, на ниво кое сè уште е над тоа кое централните банки го сметаат за стабилни цени“.

„Во таа смисла, предлог-буџетот 2026 проектира раст на бруто домашниот производ (БДП) за 2026 година од 3,8 отсто и раст на трошоците за живот од 2,5 отсто. Фајнанс тинк проценува дека двете проектирани стапки, на растот на БДП и на цените, се разумен одраз на моменталните економски движења и претставуваат солидна основа за проектирање на Буџетот. Проекцијата за растот на БДП особено ја поддржува интензивирањето на клучни инфраструктурни проекти, инвестицискиот циклус на локално ниво, и засилената поддршка на приватните инвестиции од унгарската кредитна линија. Сепак, проектираната стапка останува под притисок од неизвесностите во глобалното економско окружување, главно од ефектите од царинската политика на САД врз европската економија и врз синџирите на снабдување. Проекцијата за инфлацијата е во линија со рестриктивната монетарна политика и искажаните заложби и намери за поддршка од фискалната страна. Сепак, „лепливоста“ на инфлацијата може да го загрози остварувањето на оваа цел, а таа главно произлегува од проинфлаторното дејство на фискалната политика преку политиките на плати и пензии, кои го зголемуваат номиналниот доход на населението. Раст на платите и пензиите кој не е сообразен со растот на додадената вредност во економијата ќе ја остави стапката на инфлација на повисоко и упорно ниво во однос на посакуваното“, велат од Економскиот институт Фајнанс тинк.

Врз основа на овие претпоставки за номиналниот раст на економијата, се наведува во анализата, проекциите за растот на буџетските приходи и расходи изгледаат разумни.

„Поконкретно предлог-буџетот 2026 проектира, номинален раст на буџетските приходи од 3,5 отто, номинален раст на буџетските расходи од 2,6 отсто, и тоа, раст на трошоците за плати од седум отсто, раст на трошоците за стоки и услуги од -0,5 отсто и раст на трошоците за пензии од 9,7 отсто. Сепак, ваквите проекции кријат значајни ризици. Проекцијата за раст на вкупните приходи се базира на проектираните приходи за 2025 година со ребалансот на Буџетот, за кои е малку веројатно дека ќе се остварат. За првпат, предлог-Буџетот 2026 прави намалување на годишната проекција за капиталните расходи за 15, 1 отсто во однос на проекцијата од минатата година, со што се напушта флоскулата „рекордни капитални расходи“, а кои никогаш не се реализираат во тој предвиден обем. Оваа позитивна промена, Фајнанс тинк сака посебно да ја поздрави. Нема никаква општествена корист јавниот дискурс за се интоксинира со наводно рекорден износ на капитални расходи кои потоа се кратат и не се реализираат во целост ниту сметано според скратениот износ“, пишува во анализата.

Сепак, велат од институтот, и вака пореално проектираните капитални расходи, се за околу 19,2 отсто повисоки од веројатното извршување во 2025 година.

„Со овие проекции, буџетскиот дефицит е проектиран на ниво од 3,5 отсто од проектираниот бруто домашен производ, што е добар знак за фискална консолидација, иако останува над фискалното правило од три отсто предвидено во Законот за буџети. Генерално гледано, овој предлог-Буџет прави благо, но значајно стрктурно поместување, во позитивна насока, во однос на сите буџети од претходната деценија и повеќе. Буџетските приходи, дефицитот и реалното проектирање на капиталните расходи му даваат на предлог-Буџетот 2026 робустна и рационална компонента. Особено во однос на претходните наративи, рационализацијата на расходната страна е превидена во пет од осум буџетски приоритети за 2026 година. Оттука, неопходни се храбри и визионерски одлуки за операционализација на овие приоритети, што ќе донесе солидна фискална консолидација и структурно порамнување со фискалните правила од Законот за буџети на среден рок“, велат од Фајнанс тинк.

Сврзано со операционализацијата на заложбите наведени во документот, додаваат оттаму, особено за фискална дисциплина, транспарентност и индикатори за мерење на успешноста на политиките, треба да се нотира дека тој не презентира конкретни механизми преку кои тие принципи ќе се спроведат во пракса.

„Недостасува систем за следење и евалуација на резултатите од јавните расходи, ниту пак се наведени јасни индикатори кои би овозможиле процена дали одредени програми навистина придонесуваат кон економски раст, подобрување на услугите или социјалната инклузија. Иако се споменува дигитализација и воспоставување интегрирани финансиски системи, нивниот фокус е претежно административен, а не аналитички. Така, фискалната транспарентност останува декларативна, без воспоставена врска меѓу потрошените средства и постигнатите резултати, што го ограничува капацитетот на буџетот да биде вистинска алатка за јавна отчетност и рационално управување со ресурсите“, пишува во анализата.

Од Фајнанс тинк предупредуваат и на „ограниченото или недоволно елаборирано внимание, оставајќи простор одредени заложби да бидат само декларативни, а се во контекст на реформските приоритети од Планот за раст“.

„Предлог-буџетот 2026 само делумно и декларативно го адресира прашањето на сивата економија, без системска стратегија за нејзино намалување, или без јасно поврзување со Стратегијата за формализација на сивата економија која е на сила. Документот ја наведува формализацијата на неформалната економија како еден од инструментите за подобрување на наплатата на јавните приходи и фискалната дисциплина, во комбинација со дигитализација на процесите, воведување на е-фактура и модернизација на царинските процедури. Ова е во линија со нашите укажувања и докази базирани на бројки и економска анализа – дека сивата економија крие фискален потенцијал кој надминува 700 милиони евра на годишно ниво. Сепак, мерките се фокусирани главно на административна и техничка дигитализација, без конкретни индикатори, рокови или институционална рамка за следење на ефектите од овие активности. Не се наведуваат ни механизми за намалување на неформалното вработување, ниту пак координација со пазарот на труд и инспекциските служби. Како резултат, буџетот остава впечаток дека борбата против сивата економија се третира претежно како фискално прашање на зголемување на приходите, наместо како структурна реформа што бара меѓусекторска соработка, засилена контрола и инклузивен формален пазар на труд“, предупредуваат од Фајнанс тинк.

Анализирајќи го предлог-буџетот 2026 во контекст на државната помош за реформа на јавните финансии и подобрување на транспарентноста, во анализата се наведува дека предлог-буџетот не нуди подетална анализа или оценка на ефектите од досегашната пракса.

„Во документот се наведува дека ќе се воспостави систем за управување со информации за државна помош, како дел од поширокиот проект за интегрирани финансиски информациски системи финансиран од Светска банка. Овој пристап претставува чекор напред во насока на дигитализација и отчетност, но останува нејасно како ќе се проценува ефективноста на државната помош, дали ќе се воведат индикатори за мерење на резултатите (на пример, број на нови вработувања, раст на извозот или иновации), и дали ќе има ограничување на помошта во сектори со слаб ефект. Во оваа насока, Finance Think во минатото понуди емпириски докази кои може да бидат основа за вакви анализи. Недостасува и врска со пошироката политика за намалување на економските нерамнотежи меѓу регионите и фирмите, што често е еден од клучните аргументи за доделување државна помош. Затоа, иако буџетот најавува техничко подобрување во управувањето со државната помош, не демонстрира суштинска промена кон поголема ефикасност, таргетираност и транспарентност во користењето на овие јавни средства“, предупредуваат од Фајнанс тинк.

Предлог-буџетот 2026 предвидува зголемување на расходите за плати во јавниот сектор на 52,6 милијарди денари, што претставува раст од околу три милијарди во однос на претходната година, но, анализираат од економскиот институт, притоа не содржи никаква стратегија за оптимизација на јавната администрација.

„Иако се најавува ново вработување „во согласност со буџетските можности“, нема јасни критериуми за тоа во кои институции постои реална потреба и како овие вработувања ќе придонесат кон повисока продуктивност и подобри јавни услуги. Наместо структурно редизајнирање и функционална анализа на постојните капацитети, буџетот продолжува со инерција на зголемување на платите и бројот на вработени, што го зголемува фискалниот притисок без пропорционални ефекти врз ефикасноста. Оттука, јавната администрација останува голем и скап, но не и реформски насочен сегмент, во кој растот на трошоците не е проследен со подобрување на квалитетот, брзината или транспарентноста на услугите. Иако предлог-буџетот за 2026 година зборува за строга контрола на новите буџетски обврски и почитување на принципите на економичност и ефикасност, тој воопшто не прави осврт на веќе доспеаните, а неизмирени обврски на буџетските корисници. Недостасува анализа или проценка на акумулираните долгови во јавниот сектор, особено во здравството, општините и јавните претпријатија, кои традиционално претставуваат сериозен ризик за фискалната стабилност. Со игнорирањето на овие обврски, буџетот создава впечаток на формална рамнотежа, додека во суштина постои потенцијален ликвидносен притисок што може да се појави во текот на годината. Отсуството на транспарентност за вкупните заостанати обврски ја ограничува реалната проценка на фискалниот простор и ја намалува веродостојноста на планираната фискална консолидација“, пишува во занализата.

Како заклучок, од Фајнанс тинк велат дека 2026 година предлог-буџетот е значаен исчекор кон поголема реалност и рационалност во фискалното планирање, со благо структурно поместување на расходната страна и поумерени проекции на приходите.

„Сепак, предизвиците остануваат во делот на спроведувањето на проектираните приходи, растот на платите и пензиите кој го храни инфлаторниот притисок, како и ограничената ефективност на капиталните инвестиции. Иако буџетот покажува одредени знаци на фискална консолидација и подобра дисциплина, потребна е поголема транспарентност во управувањето со доспеаните обврски и во мерењето на ефектите од јавната потрошувачка. Со доследна имплементација на овие аспекти, буџетот би можел да се развие во инструмент што ќе ја зајакне фискалната стабилност и ќе обезбеди поефикасно користење на јавните ресурси за развојни цели“, заклучуваат во анализата на предлог-буџетот за 2026 година од економскиот институт Фајнанс тинк.

Предлог-буџетот за 2026 година е проектиран на 6,73 милијарди евра. Вкупните приходи се проектирани на 6,09 милијарди евра, а проекцијата за капиталните инвестиции е на износ од 650 милиони евра. Економскиот раст е проектиран на 3,8 проценти, инфлацијата на 2,5, а буџетскиот дефицит на 3,5 проценти од БДП.

И.О

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ