вторник, 7 април 2026

ФТ: Ако продолжи конфликтот САД-Иран, ефектите ќе почнат да се чувствуваат веќе во април

Државниот завод за статистика (ДЗС) објави нови податоци за движењето на цените во март 2026, кои покажуваат значителен раст на цените на месечно ниво и потврдуваат индикации за можен инфлаторен притисок во услови на глобален нафтен шок. Според објавените податоци, цените на потрошувачките производи и услуги пораснале за 0,7 отсто во март, додека на годишно ниво порастот на цените изнесува 4,9 отсто. Овие бројки се прв сигнал за можно продолжување на инфлаторната динамика која се јавува по почетокот на воениот конфликт меѓу САД/Израел и Иран, пишува во денеска објавениот најнов став, Институтот за економски политики и истражувања, Фајнанс тинк (ФТ).

Објавено на

часот

Сподели

Како што пишува Фајнанс тинк (ФТ), март 2026 донесе пораст на цените, што е следство на зголемените трошоци за енергија, со посебен акцент на горивата.

Зголемените очекувања за инфлација во контекст на нафтениот шок

Тоа, секако, велат од ФТ може да се поврзе со глобалниот нафтен шок што настана по интензивирањето на воениот конфликт во Иран. Анализата на податоците покажува дека во март, цените на суровата нафта на светскиот пазар значително пораснаа, што доведе до нагол раст на цените на горивата и други енергетски ресурси.

„Првичните проценки и динамиката на инфлацијата покажуваат дека се очекуваше продолжување на трендот на смирување на инфлацијата во 2026, но воениот конфликт предизвика поголеми очекувања за преливање на нафтениот шок врз другите сегменти на економијата. Во март, цените на транспортот пораснаа за 3,4 отсто, додека цената на горивата и мазивата за сопствена транспортна опрема се зголемила за 11, 4 отсто, што се смета за директен ефект на зголемените глобални цени на нафтата. На месечно ниво, цените покажаа одредена стабилизација со пад во јануари 2026 во однос на декември 2025 од 0,7 отсто, а потоа благ раст од 0,2 отсто во февруари 2026 во однос на претходниот месец. Во таа смисла, зголемувањето на цените во март во однос на февруари 2026 од 0,7 отсто може да сигнализира благо забрзување на инфлацијата, особено имајќи предвид дека – доколку воениот конфликт во Иран не настанеше, очекувањата беа дека инфлацијата ќе следеше патека на понатамошно смирување. Но, ваква месечна динамика не е драматично повисока од динамиката во текот на 2025 година.“, се наведува во ставот на ФТ.

Сепак, додаваат оттаму, од оваа генерална слика, отскокнуваат два групи, а тоа се, траснпортот (3,4 отсто), во чии рамки само цената на горивата и мазивата за сопствена транспортна опрема порасна за 11,4 отсто во март во однос на февруари 2026, и алкохолните пијалоци, тутунот и наркотиците (3,2 отсто), што е во целост водено од порастот кај тутунот (4,3 отсто).

„Додека порастот на цените во првата група е во целост рефлексија на воениот конфликт во Иран, втората група е несврзана со него. Додека, директниот ефект од повисоките цени на суровата нафта се согледува преку високиот раст кај течните горива (18,7 отсто), иако неговата тежина е релативно мала, бидејќи целата група домување, вода, електрична енергија, гас и други горива има ценовен раст од само 0,2 отсто.

Слично, се наведува во анализата на ФТ, во групата храна, значаен месечен пораст забележуваат маслата (2,2 осто), што е веројатна последица примарно на намалената понуда на палмино масло (лоши временски услови) и сончогледово масло (војна во Украина) на глобалниот пазар, но и на зголемените транспортни трошоци поради растечката цена на нафтата.

„Според месечната динамика на инфлацијата, постои благ – би рекле ограничен но не и неважен – преносен ефект од глобалната цена на нафтата врз општото ценовно ниво, и тоа е во рамки на нашите поранешни проценки“, велат од ФТ.

Од овој економски институт велат дека има знаци кои може погрешно да се интерпретираат како прелавање на нафтениот шок врз останатите цени.

„Годишната динамика на инфлацијата во март 2026 на прв поглед е загрижувачка, бидејќи забрза на 4,9 отсто во однос на март 2025 година, што е целосно надвор од очекувањата за нејзино смирување и сведување на годишно ниво околу три отсто. Сепак, постои ризик овие податоци погрешно да се интерпретираат како прелевање на нафтениот шок врз општото ниво на цени, бидејќи тие тоа не го покажуваат. Споредбената анализа со март 2025 година покажува на значајно ниска споредбена основа тогаш, која се должи на велигденско-рамазанското замрзнување на маржите и цените на производите од храна, пијалоци и хемиски производи за домаќинство, кое во сила беше од 20 февруари до крајот на април 2025 година“, велат од ФТ.

Според Институтот, овој ефект на ниска споредбена основа е особено видлив кај храната, чии цени на годишно ниво, во март 2026 пораснаа за високи 7,5 отсто, додека кај алкохолните пијалаци и тутунот за 8,8 отсто. Кај останатите групи кои искусуваат релативно висок годишен раст во март 2026, а имаат стабилна месечна динамика, се работи за кумулативен ефект (од април 2025 па сѐ до март 2026 година), којшто во претходните кратки анализи од 18 февруари 2026 година го процениле како резултат на зголемениот доход во економијата.

„Иако нафтениот шок веќе е јасно видлив кај цените на горивата и кај транспортните цени, засега нема докази дека се прелеал во поширока, системска инфлација. Ако годишната стапка од 4,9 отсто се земе како аларм, тој ќе е погрешен бидејќи произлегува од ниската споредбена основа создадена со административното замрзнување на цените во истиот период лани. Сепак, тековниот месечен раст не е занемарлив и, доколку се задржи, може брзо да се претвори во поширок инфлаторен притисок преку секундарни ефекти, првенствено кај производите од храна, а потоа и врз пошироката потрошувачка кошница. Заклучно, моменталниот раст на цените претежно ја рефлектира директната изложеност на економијата на нафтениот шок, без јасни знаци на широко прелевање“, пишува во анализата на ФТ.

Според експертите на ФТ, ваквата стабилност е кревка,

„Но, ако цените на енергијата останат високи и растечки, ризикот од поширок инфлаторен бран преку транспортните трошоци и очекувањата на економските агенти значително се зголемува. Затоа, тековните податоци не оправдуваат паника, но ниту дозволуваат комфор – внимателно следење на месечната динамика ќе биде клучно во наредните месеци. Во таа смисла, стриктно таргетирани мерки за ублажување на последиците кај евентуално најпогодени групи граѓани и фирми треба да бидат во подготовка и да може брзо и ефикасно да се операционализираат кога ценовниот шок евентуално би се интензивирал. Според нашите проценки објавени порано, доколку конфликтот продолжи и/или ескалира, ефектите на поширока основа би почнале да се чувствуваат веќе во април, а позначаен интензитет би добиле од јуни годинава“, заклучуваат во анализата од Фајнанс тинк.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ