Изградбата и реконструкцијата на улицата „Фрањо Клуз“ во скопската општина Аеродром влегува во завршна фаза, при што градските власти најавуваат дека веќе од следната недела граѓаните ќе можат да се движат по целосно обновена и модернизирана сообраќајница.
„Секој сегмент се изведува по сите пропишани стандарди. Од наредната недела, жителите на Аеродром ќе возат по нова, современа и безбедна улица“, напиша на ФБ градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Станува збор за една од позначајните улици во овој дел од градот, каде што во изминатиот период се работи со засилена динамика, и во дневни и во ноќни часови, со цел проектот да биде завршен во предвидениот рок.
Реконструкцијата се реализира на потег долг околу еден километар и опфаќа целосно унапредување на инфраструктурата. Изградени се нови тротоари, поставено е современо улично осветлување, а се гради и нова атмосферска канализација, што треба да придонесе за подобра безбедност и функционалност на сообраќајот.

Градежните активности вклучуваат поставување нов тампон-слој, двослоен асфалт, нови рабници, додека во моментот интензивно се асфалтираат пешачките површини. Надлежните посочуваат дека сите работи се изведуваат согласно пропишаните технички стандарди.
Ѓорѓиевски вели дека со проектот се решава долгогодишен инфраструктурен проблем кој со години бил запоставуван.
Градоначалникот вели дека во првите три месеци од мандатот фокусот бил ставен на конкретни проекти наместо на ветувања, нагласувајќи дека ова е само почеток на поширок инфраструктурен циклус.
Во наредниот период, Ѓорѓиевски најави најголема инфраструктурна обнова досега, која ќе се реализира рамномерно во сите делови на Скопје, со цел подобрување на условите за живот и подигнување на квалитетот на урбаното живеење.
Според најавите, приоритет ќе биде создавање модерен, функционален и безбеден град, со еднакви услови за сите граѓани на Скопје.






