Проектот е реализиран како донација од компанијата ОКТА и претставува дел од нивните активности насочени кон унапредување на квалитетот на животот и поддршка на објекти од јавен интерес. Со ставањето во функција на фотонапонската централа се очекува годишно производство од над 53 MWh електрична енергија, како и намалување на емисиите на јаглероден диоксид за околу 42 тони на годишно ниво, што претставува значаен придонес кон заштита на животната средина.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски истакна дека оваа инвестиција има повеќекратно значење за институцијата, потенцирајќи дека Центарот за обука е еден од клучните столбови за развој на професионални, подготвени и ефикасни полициски кадри.
„Денеска направивме уште еден конкретен чекор кон модерно и одржливо Министерство за внатрешни работи. Со донација од компанијата ОКТА, во Центарот за обука на МВР во Идризово е ставена во функција фотоволтаична централа која ќе обезбедува чиста, зелена енергија за еден од објектите во кој се обучуваат идните полициски кадри. Со воведувањето на обновлив извор на енергија, не само што ја зајакнуваме енергетската ефикасност и одржливост на Центарот за обука, туку и рационално ги намалуваме трошоците за електрична енергија. Овие средства ќе можат да се насочат кон понатамошно унапредување на инфраструктурата, обуката и опремата, што директно влијае врз квалитетот на полициското работење“, изјави министерот Тошковски.

„Покрај другите проекти во енергетиката, ОКТА активно реализира иницијативи во областа на зелената енергија. ОКТА останува посветена на овој процес и во иднина ќе продолжиме да ја унапредуваме соработката со партнерите и заедницата. Искрено верувам дека оваа донација ќе донесе нова вредност за Центарот за обука и ќе овозможи негов развој“, потенцира извршниот директор на ОКТА Димитриос Пасхос.
Во рамки на долгогодишната соработка со Министерството за внатрешни работи, ОКТА и претходно има реализирано активности од јавен интерес, особено во делот на сообраќајната безбедност, преку кампањата „Јас внимавам“, како и со донација на фотоволтаични сообраќајни знаци во близина на основни училишта, со цел зголемена заштита на децата и подигање на јавната свест.
Министерството за внатрешни работи и во наредниот период ќе продолжи со политики насочени кон користење на чисти извори на енергија и зајакнување на институционалната одржливост, во согласност со современите европски и еколошки стандарди.
Истовремено, МВР со сопствени капацитети и со поддршка од своите пријатели и партнери континуирано работи на целосно опремување, модернизација и унапредување на Полицискиот центар за обука во Идризово. Овие инвестиции претставуваат долгорочно вложување во професионалниот развој на полициските службеници и директна инвестиција во безбедната иднина на граѓаните на Македонија.






