понеделник, 26 јануари 2026

Фотиу: Западниот Балкан останува од стратешко значење за ЕУ

Кипарскиот амбасадор во Македонија Андреас Фотиу денеска пред заедничката седница на Националниот совет за евроинтеграции и собраниската Комисија за еврпоски прашања, ги претстави приоритетите на Кипар како актуелен претседавач со ЕУ во следните шест месеци, истакнувајќи дека Кипар ќе остане доследен на редовниот и отворениот дијалог со Западен Балкан, а Македонија останува дел од процесот на проширување со ЕУ.

Објавено на

часот

Сподели

Фотиу посочи дека кипарското претседателство, чие мото е „Автономна Унија отворена кон светот“, значи дека Европската Унија мора да биде автономна, бидејќи една поавтономна Унија ќе ја покаже потребната внатрешна сила за соработка со надворешните партнери секогаш кога е можно, а истовремено ќе дејствува независно кога е потребно, почитувајќи го меѓународното право и поредок.

Кипарскиот амбасадор нагласи дека Западниот Балкан останува регион од стратешко значење за ЕУ, а вклученоста на Унијата со Северна Македонија ќе продолжи со една кредибилна политика заснована на заслуги.

„Кипарското претседателство посветува внимание на редовен и отворен дијалог со Западен Балкан, додека Северна Македонија останува дел од процесот на проширување на Унијата. Кипар го признава ангажманот на Северна Македонија за унапредување на реформите и во усогласувањето на европските стандарди и го охрабрува постојаниот и контиуниран напор на земјата во таа насока“, рече Фотиу.

Амбасадорот ги претстави петте столба на кипарското претседавање со Унијата, според кои, посочи тој, Кипар ќе се фокусира на автономија преку безбедност и одбрана, автономија преку конкурентност, отвореност кон светот, споделени вредности и преговори за буџетот за следната финансиска рамка на ЕУ.

„Сложената геополитичка средина налага ЕУ да мора да биде способна да предвиди и да спречи, како и ефикасно да одговори на кризите. Кипарското претседателство ќе ги поддржи напорите за одбранбената и безбедносната готовност на Унијата и подобрувањето на координацијата за време на кризи“, рече Фотиу.

Во однос на конкурентноста, тој додаде дека кипарското претседателство смета дека само поконкурентна Унија може да доведе до поавтономна Унија, па затоа конкурентноста на Европа е основа за отпорност и автономно дејствување. Додаде дека поконкурентна Европа ќе биде во подобра позиција да обезбеди одржлив раст и да ги оствари своите стратешки цели.

Тој исто така посочи дека кипарското претседателство ќе поддржи иницијативи насочени кон промовирање на инклузивноста и зајаканување на демократските институции и во таа насока истакна дека прогресот во овие полиња останува клучен за проширувањето, а кипарското претседателство ги препознава напорите на Северна Македонија во инклузивнотро управување.

Новоименуваниот министер за европски прашања Беким Сали во обраќањето на седницата посочи дека европската интеграција на земјава не е адмнинистративен процес, ниту техничка агенда, туку цивилизациска определба која ужива општествена поддршка.

„За нас европската интеграција е јасна државна ориентација што ги обединува власта и опозицијата, институциите и граѓаните. Во време на сериозни геополитички превирања, политиката на проширување не е опција туку неопходност, таа е и инвестиција во стабилна и автономна ЕУ. Во оваа слика Северна Македонија е дел од решениетo“, рече Сали.

Тој истакна дека земјава во контиунитет покажува дека е кредибилен и одговорен партнер со ЕУ.

„Нашата целосна усоласеност со надворешната и безбедносна политика е јасна политичка порака, а не е формалност. Како држава демонстрираме дека можеме да покажеме рамноправност со европските сојузници“, рече Сали.

Според него, процесот на пристапување не е лесен, затоа пристапувањето кон реформите земјава не го третира како надворешно наметната обврска туку како внатрешно прашање. Тоа, вели Сали, е наш свесен политички избор да ја зацврстиме државата и инстиционалните капацитети.

„Секој наод од скринингот го претвораме во јасна и јавна политика и решение во согласност со европските стандарди. Борбата против организираниот криминал и корупцијата мора да бидат поодржливи, треба да покажеме дека државата може да испорача резултати а не само ветувања“, рече Сали.

Во однос на кипарското претседавање, Сали истакна дека со нивното мото отвораат суштинска дебата за иднината на ЕУ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ