Посочувајќи ја фармацијата како една од најрегулираните индустрии во светот, во која успехот се темели на доверба, квалитет и строга усогласеност со меѓународните стандарди, Мукаетов истакна дека „Алкалоид“ расте и се развива во таква комплексна средина, останувајќи доследен на своето мото Здравјето пред сè.
Од 53 милиони евра продажби во 2005 година, денес компанијата достигнува 339 милиони евра консолидирани продажби, од кои 220 милиони евра се извоз. Со повеќе од 3.000 вработени и со присуство на повеќе од 50 пазари, преку своите 27 подружници низ светот „Алкалоид“ прерасна во значаен регионален фармацевтски производител.
Клучна пресвртница во деветдеценискиот развој на компанијата беше визијата од 1994 година за изградба на современи производствени капацитети и за воведување високи стандарди на корпоративно управување. Влезот на пазарот на ЕУ во 2007 година со GMP-верификација и со првата дозвола за лек го отвори патот до повеќе од 1.000 одобренија за производи во Унијата.
„Иако како компанија од земја надвор од ЕУ се соочуваме со подолги регулаторни процедури и ограничен пристап до финансиска поддршка, континуирано инвестираме во технологија, знаење и квалитет. Нашиот раст е резултат на стратегијата, истрајноста и визијата насочена надвор од границите. Тој пат не беше однапред трасиран, туку го изградивме сами, чекор по чекор, со посветеност, дисциплина и доследна примена на највисоките стандарди во работењето“, истакна Мукаетов во своето обраќање.

На панелот учествуваа и Глигор Цветанов од „Макпрогрес“ Виница, кој е претседател на Бизнис-клубот „Европа“; Мариa Канелопулу, прв советник и раководител на Секторот за економски прашања, градење институции и за прекугранична соработка во Делегацијата на ЕУ, и Драган Тилев, државен советник за европски прашања.
Бизнис-клубот „Европа“ е формиран на иницијатива на претседателот на Комората, Бранко Азески, како платформа за дијалог меѓу бизнис-заедницата, академијата, носителите на евроинтегративните процеси и европските дипломатски претставници. Во фокусот се прашањата поврзани со ЕУ, интеграцијата на македонската економија во европските текови и со креирањето политики спрема ЕУ од бизнис-перспектива.






