„Имавме добар и навистина конструктивен состанок со премиерот. Сметам дека и до него јасно е стигната пораката и барањето на граѓаните за некаква форма на заедничка работа во сфери коишто се битни да го подобрат квалитетот на живеењето. Начелно договоривме дека ќе работиме на начинот да формираме заеднички тела или работни групи во делот, пред сè, на спроведување на реформската агенда“, рече Филипче.
Според него, првичните закони кои треба да стигнат во Собранието се од правосудството, нешто што ги тангира сите граѓани, од областа на енергетиката и од здравството.
Претседателот на СДСМ рече дека има волја од двете страни, дека допрва треба да се разработи методологија за работа на заедничките групи, како и дека ова е првичен состанок. Следна средба засега не е договорена, но ќе треба да бидат номинирани експерти кои ќе бидат дел од работните групи.
„Сега ќе номинирам неколку експерти од областа на правосудството и енергетиката кои ќе се вклучат во изработката на законите коишто се дел од реформската агенда, а треба да стигнат. Ова е меѓупартиска средба, но секако дека ќе бидат поканети и сите партии да се вклучат“, рече Филипче.
Очекува дека после ова сите политички партии ќе седнат на масата.
„Ова е за доброто на државата“, вели Филипче, додавајќи дека немаме доволно човечки капацитети, а младите сè повеќе заминуваат од земјата. Затоа, мора да се пушти порака за обединување, за доброто на државата.
На средбата се зборувало и за евроинтеграциите и уставните измени, но за жал, вели Филипче тука тие имаат различни позиции.
„Ги разбирам позициите на премиерот. Останува за ова да разговараме дополнително“, рече претседателот на СДСМ.
Филипче уште еднаш нагласи дека не станува збор за етнички состанок.
Смета дека средба со другите лидери треба да биде следното што треба да се случи по оваа средба.
„Граѓаните со ова треба да бидат свесни дека некој ги слуша нивните барања“, рече Филипче оценувајќи ја оваа средба како позитивен сигнал наведувајќи дека за првпат се случува вакво нешто во земјата.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со случајот со модуларната болница, рече дека не чуствува одговорност и дека нема проблем случајот да биде повторно отворен.
Премиерот Христијан Мицкоски, на социјалните медуми за средбата кусо напиша дека се разговарало за актуелните случувања и дека одговорност, мудрост и чесност ѝ се повеќе од потребни на Македонија.
„Средба каде разговараме за актуелните случувања, и од која сакам да се знае дека одговорност, мудрост и чесност ѝ се повеќе од потребни на Македонија“, напиша на Фејсбук-профилот премиерот Мицкоски.
По средбата со Филипче, Мицкоски нагласи дека била истакната потребата да се работи на заедничката иднина за граѓаните, како и да се работи на консензус меѓу различните страни за клучните прашања за државата и добробит на сите граѓани.
Во тој контекст неопходно е да се мобилизираат сите напредни поединци и структури кој можат да дадат придонес на патот за развој на земјата.
Македонските државни интереси треба да бидат појдовната точка во разговорите за секое прашање, при што Мицкоски побара од Филипче да се потруди да биде конструктивен фактор во определбата за промени, реформи и напредок.
„Државата мора да биде во служба на граѓаните, и да се случат коренити реформи на системот од кој граѓаните се незадоволни“, истакна Мицкоски на средбата.
Соговорниците се договорија да се формираат работни групи кои ќе разговараат за реформските законски решенија кои треба да ги гарантираат заложбите за напредок.
Средбата се одржа на иницијатива на лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, кој како што беше најавено, на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ му го образложи неговиот план за долгорочна стратегија на државата која би се изготвила со политички дијалог.