„Формирањето на МОУО пред сѐ е клучен момент и исчекор во создавањето модерен систем за управување со отпад – со неговото воспоставување општините прават јасен премин од досегашните ад-хок и фрагментирани решенија кон стабилен, системски и одржлив пристап. Новиот регионален модел овозможува предвидливи процеси, јасни надлежности и координација помеѓу институциите, што резултира во подобра организација, поефикасно користење на ресурсите, поквалитетни услуги, но уште поважно, намалено загадување и значително подобрување на јавната хигиена како и долгорочни придобивки за здравјето на граѓаните“, соопшти ресорното министерство.
Од МЖСПП укажуваат дека овој системски пристап е суштински за да се обезбеди конзистентно, транспарентно и професионално управување со отпадот, усогласено со домашното законодавство и европските стандарди.
На вчерашната конститутивна седница е избран и првиот претседавач на МОУО, градоначалникот на Новаци, Стевче Стевановски, со што Одборот е целосно административно функционален. Ова, велат од МЖСПП, претставува важен чекор за понатамошната редовна работа, стратешкото планирање и заедничкото донесување одлуки за сите прашања поврзани со управувањето со отпадот во двата региона. Во оваа насока, велат од Министерството, реформата влегува во фаза во која се носат клучните одлуки за оперативното функционирање на РСУО. Следуваат повеќе процеси: изработка на новиот Регионален план за управување со отпад (РПУО) 2026–2032, финализација на процесот за формирање на регионалното комунално претпријатие, административно усогласување и координација на надлежните институции, развивање на капацитетите на општинските јавни комунални претпријатија, развивање на регионалнната и локалната инфраструктура за управување со отпад, интензивирана комуникација со јавноста и вклучување на граѓаните, унапредување на отчетноста и транспарентноста на процесите.
Паралелно, продолжува техничката поддршка од Шведска преку SALAR International и спроведувањето на регионалниот проект за цврст отпад од страна на МЖСПП како дел од долгорочната и стабилна меѓународна партнерска соработка.
„Општините од Пелагонискиот и Југозападниот регион покажаа дека преку единство, заедничка одговорност и стручна поддршка, може да се гради регионален систем што носи реални придобивки за секој граѓанин: почиста животна средина, современи јавни услуги, нови економски можности и подобар квалитет на живот. Активностите се спроведени во рамки на проектот ‘Одржливо управување со отпад на локално ниво’, поддржан од Шведска, имплементиран од SALAR International“, информира Министерството за животна средина.






