Преку ова партнерство, се наведува во соопштението, СЕТЕК ја става на располагање својата малопродажна мрежа низ Македонија како официјални точки за прием на донации. Дополнително, техничкиот тим на СЕТЕК ќе врши професионална проверка, сервис и подготовка на опремата, со што се гарантира дека секое дете ќе добие функционална алатка за учење и работа.
По потпишувањето, од Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ појаснија дека овие ресурси ќе бидат директно ставени во функција на нивните постоечки програми „Фондот за школување“ и “Патека до самостојност“. Процесот на селекција на корисниците се спроведува со максимална транспарентност, во тесна координација со ЈУ Детски дом „11 Октомври“ и со поддршка и одобрување од Министерството за социјална политика, демографија и млади. На овој начин, велат од Фондацијата, се осигурува дека опремата ќе стигне до оние на кои им е најпотребна, дополнета со соодветни обуки за нивен понатамошен кариерен развој.
„Компјутерот за овие деца не е луксуз, туку прозорец кон светот и основно право на образование во 21 век,“ истакна Александар Марјановиќ, извршен директор на Фондацијата.
Тој додаде дека со логистичката поддршка од СЕТЕК, Фондацијата сега може целосно да се фокусира на претворање на тие машини во реална шанса за подобар живот, осигурувајќи дека секој младинец ќе ја напушти установата за грижа со функционална алатка и вештина во своите раце.
Снежана Кимовска, представник на СЕТЕК, потенцираше дека како пазарен лидер во областа на технологијата, нивна должност е да бидат логистички мост за заедницата.
„Дигиталната исклученост денес значи ограничена иднина. Затоа ова партнерство со СЕТЕК е многу повеќе од донација на опрема — тоа е инвестиција во потенцијалот на младите луѓе. Преку програмата ‘Патека до самостојност’ создаваме услови технологијата да стане мост кон образование, вработување и достоинствен самостоен живот.“, изјави Кимовска.
Таа објасни дека со ставањето на сервисните капацитети и продажните салони во служба на оваа мисија, СЕТЕК сака да им овозможи на граѓаните и компаниите сигурен начин нивните донации да стигнат до оние на кои им се најпотребни.
Партнерството предвидува и заеднички кампањи за подигнување на јавната свест и поттикнување на корпоративната филантропија, со фокус на создавање реални можности за вработливост на младите по напуштање на системот за грижа.






