среда, 8 април 2026

Физичкото насилство врз Ивана презентирано преку видеоснимки на судењето против Стојанче Јовановски

Видеоснимки на кои е регистрирано физичко насилство, како и моментот на падот на две лица пред угостителски објект, беа презентирани како доказен материјал на денешното судско рочиште во Основниот кривичен суд – Скопје против обвинетиот Стојанче Јовановски, сопруг на Ивана Јовановска која заедно со нивната шестгодишна ќерка си го одзеде животот во март, годинава.

Објавено на

часот

Сподели

На рочиштето, застапничката на обвинението, јавната обвинителка Адела Бојчевиќ, презентираше видеоматеријали обезбедени од камерите на Безбеден град, од видеонадзорот од кафе бар „Сома“, како и од безбедносните камери на средното училиште „Нова“ на улицата „Прашка“. На снимките се забележува како патничко моторно возило „БМВ“ поминува покрај училиштето, по што обвинетиот Стојанче Јовановски и оштетената Ивана се среќаваат на тротоарот пред влезот на објектот.

Според презентираниот материјал, Јовановски, видно вознемирен, силно ја удира Ивана со десната рака по лицето, по што таа се повлекува назад и седнува на оградата од училиштето.

Расправијата меѓу нив продолжува, при што Ивана се држи за лицето и седнува на оградата.

Во продолжение на снимката се гледа како возилото „БМВ“, сопственост на лицето Мартин Саздов, се враќа назад, по што обвинетиот и жртвата се упатуваат кон него. Откако Саздов излегува од автомобилот, Јовановски повторно ѝ удира шлаканица на Ивана со десната рака. Саздов застанува меѓу нив и го фаќа Јовановски за рацете во обид да го спречи понатамошното удирање. По кратка вербална расправија, Јовановски уште еднаш ја удира Ивана во десната страна од лицето. Потоа, сите тројца влегуваат во возилото, при што Ивана, и покрај обидите на Саздов да ја спречи, го турка и седнува на задното седиште.

Обвинителката Бојчевиќ презентираше и видеодокази обезбедени од кафе-барот „Сома“, регистрирани на кобниот ден, 2 март 2026 година, на кои се гледа падот на Ивана и Катја.

Денешните видеодокази се надоврзуваат на претходно изведените аудиоснимки од пријави во полиција од страна на Ивана направени на 2 март 2026 година, кои директно му претходеле на трагичниот настан во кој Ивана го загуби животот заедно со нејзината шестгодишна ќерка Катја.

Претходно, на денешното судско рочиште во доказната постапка беа презентирани и аудиоматеријали и пријави од 2024, 2025 и 2026 година, кои сведочат за континуирано семејно насилство од страна на обвинетиот врз жртвата.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ