Во рамки на повикот беа поднесени 35 проектни апликации, од кои 20 се добитници на иновациски ваучери. Вредноста на еден ваучер изнесува до 8.000 евра без ДДВ, а покрива до 80% од трошоците за услуги од високообразовни и истражувачки институции. Овие средства ќе се користат за развој на нови или подобрување на постоечките производи, процеси или услуги, доказ за концепт, физибилити студија, производство на лабараториски и демонстративни прототипови, различни видови тестови, валидизација на технологијата, развој и воведување на специјален софтвер за производ или процес, како и за ИПР и трансфер на технологија.
„Ваучерите не се само финансиски инструмент – туку мост кој ги поврзува идеите со практичната примена, науката со пазарот, и визијата со резултатите. Со вакви мерки настојуваме да креираме екосистем во кој се поттикнува научно-истражувачката дејност и екосистем во кој секоја нова идеја ја добива потребната поддршка за да прерасне во успех“, изјави Никола Додов, в.д. директор на Фондот за иновации и технолошки развој.
Од вкупно 20 поддржани проекти, дури 40 чинители од различни економии на Западен Балкан се дел од нив, со што се поттикнува и прекуграничната соработка во регионот. Поддржаните проекти се насочени кон клучни приоритети, како: зелена и дигитална трансформација, здравство и развој на конкурентен и одржлив Западен Балкан. Следните девет месеци ќе бидат клучни за реализација на активностите и демонстрација на резултати што ќе придонесат кон економско и технолошко унапредување.
Повикот се спроведува во рамките на европскиот проект „Policy Answers“, во кој ФИТР ја доби главната улога во пилотирање на мерките за поддршка на истражување, развој и иновации во сите економии на Западен Балкан. Проектот има за цел да ја зајакне соработката помеѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан во области како образование, иновации, истражување и млади.
Во соопштението на Фондот за иновации и технолошки развој се вели дека ќе се зголемуваат вложувањата во иновациски активности во текот на 2025 година, со цел создавање на стабилен екосистем каде науката и претприемништвото напредуваат заедно.