Со кампањата „Наша надлежност, твое право“ испраќате порака за враќање на Министерството за правда кај граѓаните. Што е главната цел на оваа иницијатива?
– Целта е јасна – да ја вратиме правдата таму каде што припаѓа: кај граѓаните. Министерството за правда не е изолирана институција. Ние сме сервис. Оваа кампања е одговор на реалниот проблем – огромен број граѓани не знаат што точно може да побараат, каде да се обратат, кои им се правата. Без таа информираност, не можеме да зборуваме за вистинска демократија.
Велите дека сте примиле над 500 јавувања и барања. Колку овие контакти влијаеја врз формулирањето на реформите?
– Тие не само што влијаеја туку беа катализаторот. Секое писмо, секој повик ни е потсетник зошто сме тука. Граѓаните бараат функционален систем, не декларации. Затоа сите наши реформи се насочени кон решенија, а не кон ветувања.
Подготвивте и голем број закони како дел од Реформската агенда. Како одговарате на критиките дека темпото е преголемо, а можеби и пребрзо за спроведување?
– Голем предизвик беше да се одговори на веќе затечените рокови, но колку и да беше агендата амбициозна и со високи очекувања, ние во целост ги исполнивме сите рокови, а за некои дури и завршивме порано. Нашата работа не се мери со декларативни заложби, туку со конкретни резултати. А фактите говорат дека сите закони кои се дел од реформската рамка се подготвени или се во финална фаза на усвојување.
Еден од клучните закони е новиот Закон за Судски совет. Дали со ова конечно ќе се стави крај на влијанијата во правосудството?
– Апсолутно. Воведуваме јасни критериуми, отворени постапки, и механизми за одговорност. Прецизирани се условите за членство, се уредува разрешувањето, се зајакнува транспарентноста. Ова е удар на клиентелизмот. Судскиот совет повеќе нема да биде терен за тајни договори, туку арена за интегритет и стручност. Законот е испратен на мислење на Венецијанската комисија.
Првпат предвидувате посебен буџет за Јавното обвинителство. Дали тоа е крај на политичкиот притисок врз обвинителите?
– Ако некој обвинител до вчера зависел од политичка волја за ресурсите, утре тоа ќе заврши. Обвинителството ќе добие своја фискална независност. Тоа не е само финансиска мерка – тоа е институционален штит. Исто така, се гарантираат транспарентни постапки за избор и дисциплински механизми. Ова е нов почеток. Предлог законот е објавен на ЕНЕР и сите заинтересирани имаат можност да дадат свои коментари и предлози.
До каде е подготовката на предлог законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик и на новиот Кривичен законик?
– При крај е подготовката на предлог законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик во кој ќе бидат вградени најургентните измени и дополнувања заради надминување на лоцираните недостатоци во неговата примена. Во тек се последни консултации со МВР заради усогласување на кривичното дело „безобзирно управување со моторно возило” кое е составен дел од проектот „Безбеден град”. Се надевам дека наскоро ќе биде објавен на ЕНЕР.
Што се однесува до Кривичниот законик, изготвена е работна верзија на нов предлог-Кривичен законик. Изготвени се коресподентни табели, преведен на англиски јазик. Владата ќе го проследи на мислење до Европската Комисија. Рок за носење е декември 2025 година.
Кои други закони се подготвени?
– Во план и подготовка се и предлог Законот за судски буџет, предлог Законот за Советот на јавни обвинители, предлог Законот за јавнообвинителска служба, измени на Изборниот законик, со поддршка на ОДИХР, закони со кои се регулираат платите на судиите, јавните обвинители, и јавно обвинителската служба (рок јуни 2025), Закон за помилување, Закон за вештачење, Закон за нотаријат, Закон за извршување, Закон за пробација, Закон за извршување на санкции, Закон за конфискација на имот во граѓанска постапка, Закон за заштита на лични податоци.
Дел од јавноста се сомнева дека реформите ќе бидат блокирани во Собранието. Некои пак закони, како Изборниот законик, бараат политички консензус. Што ако истиот не се постигне?
– Ние ги правиме подготовките, иницираме процес, но мора да има политичка зрелост. Сепак треба да се има предвид дека изборното законодавство бара широк политички консензус и тука ќе треба конструктивен пристап и поддршка од клучните политички фактори во земјата. Нешто кое за жал во досегашните изборни циклуси резултираше со дискрепанци меѓу нацрт верзијата на законот подготвена со поддршка на ОДИХР и усвоениот законик од страна на Собранието.
Зошто има разлика во роковите? Едни рокови се наведени во Реформската агенда, други во Годишната програма на Владата – што значи тоа?
– Тоа е клучно појаснување. Реформската агенда предвидува до кога Собранието мора да го донесе законот – тоа е крајниот рок за целосно усвојување. Од друга страна, Годишната програма на Владата го определува рокот до кога Министерството треба да го изготви законот и да го достави — најпрво до ЕНЕР (системот за јавни консултации), па потоа до Владата. Ова е начин да обезбедиме доволно време за јавна расправа, мислења од Венецијанската комисија, владини процедури и собраниски дебати.
Каква е соработката со опозицијата во делот на реформите?
– Веќе одржавме поединечни состаноци со СДСМ и со Левица. Ги информиравме за сите наши активности, закони и предлози. Дел од законите се веќе објавени на ЕНЕР и ги охрабруваме сите политички партии, вклучително и опозицијата, да дадат свои сугестии. Реформите не се партиска агенда, туку државен интерес.
Верувате ли дека ќе има правда и одговорност, ќе се врати ли довербата на граѓаните во правосудството?
– Верувам – и тоа не само како министер, туку како граѓанин. Правда и одговорност нема да дојдат сами по себе, тие се резултат на напорна, доследна и искрена работа. Нашата обврска е да ги поставиме стандардите, да обезбедиме транспарентност, но и да бидеме гласни кога има злоупотреби. Граѓаните заслужуваат институции кои функционираат, судови кои судат, правично и обвинителства кои дејствуваат неселективно. Тоа не е идеализам – тоа е наша задача. И ќе ја завршиме.
Граѓаните со право се скептични, но нашата цел е секој нареден потег да биде чекор поблиску до систем што функционира за нив, не за интересни групи. Ние не бегаме од одговорност, ја прифаќаме. Затоа реформите ги водиме отворено, со конкретни рокови, со инклузија и со став. Ќе ја вратиме довербата, не со зборови – туку со резултати.
А.Д.