Филипче вечерва за ТВ Телма изјави дека ќе се бараат најдобрите луѓе кои имаат капацитет да ја спроведат партиската програма.
„Вечерва имаме закажано состанок на Извршниот одбор на кој ќе побарам сите членови на раководството и на ИО да се повлечат и на еден од следните состаноци на Централниот одбор, којшто ќе се одржи во следните две недели, ќе се избере новото раководство на партијата и новиот состав на ИО. Ги бараме најдобрите луѓе, луѓе кои имаат најдобар капацитет за да ја спроведат програмата којашто сметам дека граѓаните ја заслужуваат“, рече Филипче.
Тој рече дека не сака да шпекулира со имиња но појасни дека не станува збор за целосна смена, туку за парцијално освежување на тимовите и во делот на раководството на партијата на ниво на потпретседатели и во делот на Извршниот одбор.
Резултатот од локалните избори, како што рече, е мотив за напорна и интензивна работа во следниот период и најави активна теренска активност.
„Имаме тимови кои ќе се впуштат во силна и многу интензивна теренска работа. Ќе се впуштат во изнаоѓање на нови членови коишто практично ќе знаат премин на генерациите во СДСМ од една во друга генерација, нова сила, нова енергија“, рече Филипче.






