„Укинувањето на техничката влада треба да се случи тогаш кога нашето општество ќе биде зрело за тоа. Слободната волја на граѓаните, демократијата и фер избори не се прашања за политички пазар. Затоа, неопходни се реформи по европски стандарди посебно во делот на правосудството. И кога ќе бидат донесени сите реформски закони онака како што треба според препораките на Оценската мисија, на луѓе експерти од Европската унија. Кога сите тие закони и реформи не само што ќе се донесат туку и ќе почнат да се користат, ќе бидат вистински имплементирани во судството, во обвинителството, во полицијата, во делот на правдата, ете тоа е моментот кога ние како држава бидеме спремни да се укине техничката влада. И тоа е клучно. Затоа, СДСМ ќе ги поддржи само реформите кои оваа земја ја носат на ниво на европските стандарди. ВМРО и ДУИ нека договараат што сакат, нивната соработка на сите нас ни е многу добро позната. Ние договор можеме да направиме единствено со граѓаните. Ние не сме на пазар. Наша обврска е да ја вратиме власта во рацете на граѓаните“, рече Филипче.
Лидерот на опозициската СДСМ потсети дека техничката беше воведена поради, како што рече, аномалии во рамки на функционирањето на државата и општеството кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ.
„Техничката влада е воведена поради аномалии во рамки на функционирањето на државата и општеството кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ претходниот период, парламентарни избори после времето на Никола Груевски ВМРО-ДПМНЕ не организирала после 2016 година. Тогаш беа окупирани институциите. Ние сега го кажуваме дека исто така се максимално партизирани. Полицијата се користеше како репресивен елемент за изборите, истото се случува сега. Имаме сериозни забелешки за полицијата за овие локални избори кои поминаа минатата година. Не е случајно што тогаш се воведе како техничка влада во присуство на Европа и САД како наши стратешки партнери за да се овозможи фер изборен циклус. Со истиот начин на владеење како до 2016 година и сега се соочуваме. Нема услови за укинување на техничката влада поради сите овие работи“, рече тој.
Филипче нагласи дека СДСМ се спремни за избори кога и да се случат тие и потенцира дека тој е сигурен дека ќе има предвремени избори.
„Ние сме спремни да настапиме на избори кога и да се случат. Работа на премиерот е да каже што мисли. Но, СДСМ е спремен за изборен циклус кој може да следи годинава, следната, па да бидат и редовни избори во 2028 година. Јас сум прилично сигурен врз основа на се што се случува, врз основа на тоа како катастрофално се води државата, врз основа на лажните политики на оваа власт се целосно разобличени, дека избори ќе има предвремени без разлика дали се годинава, напролет, наесен, на крај на годината“, рече тој.
Филипче истакна дека СДСМ ќе учествува во техничката влада доколку има предвремени избори и ако остане техничката влада.
Тој нагласи дека на власта и се брза да направи избори, затоа што, како што посочи, нема пари и оти дупката во буџетот е огромна.
„На граѓаните треба да им е јасно тоа што досега го зборувавме е вистина и се што најавивме практично се случува. Нема ни збор за главните проблеми во државата. На власта и се брза да направи избори, затоа што пари нема. Дупката во буџетот е огромна, а понатаму исто како што најавивме ќе следи проектот мигранти за пари. Предупредивме дека има огромна дупка во буџетот, недостасуваат околу две милијарди евра и тоа конкретно на страна на приходите кусок од 500 милиони евра, дефицит во буџетот 680 милиони евра, доспеани и неподмирени обврски кон економски субјекти 700 милиони евра, поврат на ДДВ помеѓу 100 и 150 милиони евра кои не се исплатени кон компаниите. Следат нови задолжувања, еврообврзница, нови кредити и сето тоа ќе се пополнува на грбот на народот. Нема пари за раст на платите во 2026 година. Во земјоделството скандалот со ИПАРД се потврди кражба на европски пари. Ние сме на црната листа на Европа во делот на земјоделството. Власта нема од каде да надополни дупка од 120 милиони евра кои беа субвенција поддршка за илјадници семејства кои се занимаваат и живеат од земјоделство“, рече тој.
Обвини дека се случува силна антиевропска кампања, се провоцираат судири со Грција и со Бугарија, се наметнуваат националистички теми, се измислуваат изговори за земјава да се држи во изолација.
„Ги спомнавме и активностите против нашиот стратешки партнер САД. Вицепремиерот на нашата Влада Стоилковиќ на средба со ноќните волци блиски до рускиот претседател Путин. Алармираме за огромниот степен на криминал и корупција кој што се случува изминатите година и пол. Фирми блиски на луѓе од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, тендер коалицијата, 161 тендер на една фирма, 51 тендер една фирма во бројни општини каде градоначалници се од ВМРО-ДПМНЕ, 1,2 милиони евра тендер во пошта и уште многу безброј други корупциски скандали кои ќе ги објавуваме во следниот период“, рече Филипче.






