„Затоа ајде заедно, обединети, решителни, сите на едно место, да ја вратиме државата во рацете на народот. СДСМ е единствената сила која може да ја врати надежта. Борбата на СДСМ е за праведност, борба за достоинството на луѓето, борба за нивните права да живеат со нормален приход, борба никој да не биде игнориран и оставен на страна, борба за машки справување со кризите, заштита на граѓаните. Сакаат да ја убијат надежта за промена. Сакаат да ги убедат луѓето дека нема надеж – бидејќи само така ќе можат комотно да ја уништуваат државата за свои потреби. Само така ќе продолжат да јадат манго и папаја, додека за граѓаните нема ништо“, повика Филипче.
Тој, како што соопштија од партијата, потсетил на проектите кои Владата на СДСМ ги реализирала во таа општина, а тоа се: нова детска градинка во Волково, модернизирање на системот за јавно осветлување, уредување на зелената срцевина на Ѓорче корзото, новиот изглед на улиците во Ѓорче, Волково, Кисела Јабука, Александрија, Орман и Кучково.

„Сега е потребна борба. Има уште седум дена до изборниот молк. Седум дена во кои барам секој еден од вас да го вложи секој атом енергија и да ги промовира нашите добри кандидати и политики. На овие избори СДСМ излезе со чесна понуда. Со луѓе кои докажано знаат и умеат, луѓе кои се од народот и ќе работат за народот, луѓе кои нема да се затворат во своите кабинети откако ќе ги изберете. Понудивме луѓе кои секојдневно ќе ги гледате на улиците како го прават Ѓорче подобро и поубаво место за живеење токму како што и сега го прават“, порача Филипче.
Притоа тој ги потсети граѓаните на ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека во Македонија ќе има економски бум, достоинствен и напреден живот, но како што рече тој на трибината во Ѓорче Петров, во реалноста граѓаните ја гледаат безидејноста на влада која не знае како да ги реши проблемите и да го подобри животот на граѓаните.
„Зошто немаат слоган ‘Горда Македонија’? Затоа што никој не е горд на урнисаниот животен стандард, на измамите со пензиите, на дивеењето на цените и стагнацијата на платите. Никој не е горд на тоа што 17.000 луѓе се иселиле за една година, или за тоа што им се должат 700 милиони евра на компаниите од ДДВ, бидејќи буџетот е празен. Нема гордост ни на меѓународна сцена. Ветуваа дека ќе ја стават Бугарија во ќош, дека ќе обезбедат подобри услови во преговорите, а денес од тоа нема ништо. Има само нејасен пат напред, без јасна насока каде оди оваа држава“, рече Филипче.
Тој им порача на ВМРО-ДПМНЕ и на премиерот Мицкоски дека граѓаните очекуваат резултати и решенија, а не јалови напади и пропаганда, бидејќи тоа не носи храна и не ги плаќа сметките на граѓаните.
„Неговите јалови напади не носат храна на масата и не плаќаат сметки. Граѓаните бараат решенија, бараат достоинствен приход, бараат јасна иднина напред. Бараат луѓе кои ќе си ја вршат работата за која се платени. Времето на обвинувања кон опозицијата им заврши – ама тоа никако да го прифатат”, порача д-р Филипче.
Во своето обраќање, тој истакна дека овие избори се историски важни не само за СДСМ, туку и за целата држава, бидејќи народот има можност да испрати силна порака против ароганцијата и самоволието на власта.
„На овие избори имаме шанса да испратиме силна порака до овие арогантни луѓе кои ја преземаа власта – дека народот не се предава и не молчи. Дека не може да прават што сакаат. Да испратиме силна порака дека социјалдемократијата живее и дека од овие избори започнува падот на оваа ненародна власт која изгуби контакт со реалноста”, нагласи Филипче.
Филипче додаде дека СДСМ останува чувар на граѓанските вредности и демократијата и дека партијата ќе продолжи да се спротивставува на сите обиди за потценување на народот и уништување на надежта за подобра иднина.






