среда, 10 декември 2025

Филипче: СДСМ во Собранието ќе поднесе резолуција за заштита на државните интереси од мигранти

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче најави дека ќе поднесат нова иницијатива во вид на резолуција во Собранието, за, како што кажа – парламентарна акција со цел заштита на државните интереси поради планираниот прием на мигранти во земјава.

Објавено на

часот

Сподели

„Денес најавувам и нов чекор. После оваа петиција, ќе излеземе во Собранието и ќе бараме изгласување резолуција за ова да го запреме. Тоа ќе биде вториот чекор“, рече Филипче, образложувајќи зошто е потребно Собранието да реагира и да донесе одлука во интерес на државата.

Според него, земјава не може да се справи со наплив на мигранти и не може економски да издржи таков товар, и ги повика и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ја прифатат резолуцијата.

„Дали Македонија, земја која не може да исплати плати, да одржи базичен ред дома, може да се справи со ваков наплив на мигранти? Дали економски ова може да се издржи? Одговорите сите ние ги знаеме. Затоа ги повикувам пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ја прифатат резолуцијата. И тоа ќе биде доволно, а не да им веруваме на празните зборови“, истакна Филипче.

Тој додаде дека доколку резолуцијата не биде поддржана, СДСМ ќе продолжи со други демократски механизми, вклучувајќи поширока мобилизација на јавноста.

„Доколку ВМРО-ДПМНЕ не излезе и не ја прифати оваа резолуција, ќе бидеме приморани понатаму да се бориме со сите демократски средства. Еден од нив е да ги повикаме сите граѓани на еден голем народен протест. Заедно, обединети, сплотени, да го блокираме процесот на носење мигранти во Македонија. Борбата нема да застане. Ова е борба за Македонија“, истакна тој.

Според него, власта на ВМРО-ДПМНЕ подготвува пролетни избори, за да ги сокрие мигрантските договори кои веќе се водат зад затворени врати, а за кои, како што рече, граѓаните дознаваат од светските медиуми.

„Мицкоски вчера изговори дека додека тој има мандат како премиер, нема да има шатори за мигрантите. Што може да значи само една од двете работи. Прво, дека се планираат избори и мисли на втор мандат после изборите. И второ, мисли на тоа дека во суштина нема да има шатори, но ке има социјални станови“, рече Филипче, посочувајќи дека вистинската причина за овие тајни договори е огромната финансиска дупка создадена од власта.

Според Филипче, Владата морала да го потпише договорот, затоа што тоа е врзано со кредитот од шест милијарди евра и оцени дека „кризата со мигрантите е истата криза како проектот за копање литиум“.

„Она што ова власт го прави е истото тоа што се случува во Србија, истите шеми на Вучиќ. И ќе дадам само еден пример. Најпрво таму се обврзаа дека ќе се работи проектот со литиум, понатаму проектот го запреа и се распишаа избори. Но после изборите, повторно почна проектот со копањето на литиумот, за да запре, откако почнаа студентските протести поради настрешницата“, рече Филиче, оценувајќи дека земјава денес се соочува со иста таква политичка конструкција како во Србија.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ