„Средбата помина добро и морам да кажам конструктивно. Донесовме заеднички став да почнеме, да најдеме начин на којшто ќе работиме на реформската агенда, како никогаш досега, по примерот на развиените демократии. Шведска има таков пример, Германија има таков пример… Ние и понатаму ќе бидеме политички различни, но кога станува збор за државата мора да седиме сите заедно и да ги решаваме проблемите. Никој нема доволен човечки капацитет и потенцијал за кратко време нешто да сработи. И во таа смисла мораме да се обединиме за најважните прашања“, рече Филипче, кој денеска во Струмица присуствуваше на настан по повод отпочнувањето на втората фаза на проектот за социјална населба.
Појасни дека станува збор за реформската агенда за Планот за раст, кој го изготвила владата на СДСМ, а која потоа актуелната ја потпиша во Брисел.
„Таму има седум – осум работи со јасни закони и со јасна временска рамка, кога тие закони треба да се донесат. Првата група закони се од областа на правосудството, што сите викаме дека треба да се реформира на соодветен начин, енергетиката, културата и делот на дигитализацијата. Ние ќе идентификуваме експерти во тие области и ќе ги понудиме на министерствата во рамките на процесот на изработка на законите, а можно е да продолжиме и во делот на Националниот совет за евроинтеграции и за дополнителна дебата со експертски групи во граѓанскиот сектор, што е многу битно заради тоа што треба да се вклучи и секако, различни стручни здруженија од различни области кои имаат желба“, рече Филипче.
Зборувајќи за партиските реакции од албанскиот блок, Филипче рече дека повторно ќе иницира средба на лидерите.
„Јас повикав на средба на претседателите на сите партии. Еден од претседателите на една албанска партија кажа дека тоа би било губење време, а сега нè обвинуваат за некаква моноетничка средба. Средбата произлезе од трагедијата во Кочани, кога видовме дека има прашања битни за развој на државата, за што сите политички субјекти мораме да соработуваме без разлика дали имаме различна политичка позадина, политики коишто сме ги имплементирале и планираме да ги имплементираме и во иднина“, рече Филипче.
На состанокот вчера, како што кажа, тој го претставувал СДСМ, а премиерот Христијан Мицкоски ВМРО-ДПМНЕ и тие се состанале како лидери на две најголеми партии во македонскиот блок.
„Притоа премиерот беше прв, кој без никаква забелешка и единствен ја прифати таа средба. Апсолутно сметам дека во следниот период треба да продолжиме во насока на организација на средба на лидерите на сите големи политички партии и ова е уште еден мој повик , вклучувајќи ги и партиите од албанскиот блок, иако не гледам никаква потреба ние тука да се делиме како партии од македонски и од албански блок кога станува збор за интересот на државата“, рече Филипче, нагласувајќи дека СДСМ е мултиетничка партија.