Нови партиски потпретседатели се доктор Александар Трајановски и пратеничката Јована Тренчевска. Александар Димитријевиќ останува генерален секретар, Љупчо
Фармаковски повторно е избран за организациски секретар, меѓу избраните членови во Извршниот одбор се Андреј Жерновски, Симона Цветановски, Рената Младеновска, Дејан Николовски, Јован Фрчкоски, Наташа Попоска и Петар Огњеновиќ. Советот на СДСМ ќе го раководи Ана Чупеска, досегашна потпретедателка на партијата која по локалните избори поднесе оставка на таа функција.
„Членови на Извршниот одбор се луѓе коишто се еден дел искусни, еден дел млади, одлична спојка. Искусните ќе го пренесат своето знаење и искуство на помладите. Секретарските позиции ги задржаа актуелниот генерален секретар и еден од досегашните организациски секретари. Ова е тим кој влегува во храбра и многу одлучна борба со оваа ненародна и криминогена и корумпирана власт на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Вреди. И не сме сами, на денешниот состанок се продискутираа многу аспекти, ја шириме нашата платформа, повикуваме многу граѓански организации, независни поединци, интелектуалци. Го формиравме и Советот на партијата кој ќе има улога да привлекува слободоумни луѓе коишто ги делат нашите вредносни политики, поради тоа што нашиот фронт којшто го објавуваме вечерва постепено и сигурно ќе расте, затоа што ние се подготвуваме власта да ја вратиме во рацете на граѓаните. Во рамките на тимот еден од најновите делови на целокупниот тим е Антикорупцискиот тим, составен од млади луѓе, истражувачи, но искусни луѓе кои ги консултираме за активностите, кои се занимаваат со разоткривање на корумпираните шеми на актуелната власт. И вечерва цврсто и одлучно кажуваме, дека ние сме тие кои ќе стават крај на политиката на изолација на државата од Европа. Ние сме тие кои ќе ставиме крај на корупцијата и криминалот на оваа власт. Ние сме тие кои ќе ставиме крај на предавството на безбедноста и националните интереси на нашата земја преку проектот мигранти за пари. Ние ја враќаме власта во рацете на граѓаните“, изјави Филипче.






