Тој потсети дека вакви провокации не се новост и дека македонската дипломатија има искуство и капацитет да се справи со нив. „Многу пати наназад, во изминатите години и децении од нашата самостојност, сме се сретнувале со такви ситуации – луѓе кои нѐ негирале, луѓе кои нѐ провоцирале – и тоа трае уште од деведесеттите години наваму, и тука до израз доаѓа умешноста на дипломатијата“, додаде тој.
Филипче смета дека со договорите со Грција и Бугарија заштитени се македонскиот јазик и идентитет. Тука е и поддршката од Бундестагот во 2023 година.
Тој предупреди дека повлекувањето од постоечките договори би било штетно за државата и дека тие треба да се користат како основа за натамошно градење на добрососедските односи.
Во однос на Извештајот за Македонија во Европскиот парламент Филипче вели дека тоа не е извештај за постоењето на македонската нација, македонскиот јазик или македонскиот идентитет.
„Македонскиот јазик и идентитет се јасно дефинирани и заштитени. Никој не може да ги допре или да им наштети. На македонски се преведува во ЕУ, на македонски се потпишуваат договорите меѓу ЕУ и Северна Македонија, на македонски се говори во Унијата. Ова го гарантира Преговарачката рамка,“ рече Филипче.
Тој нагласи дека македонскиот јазик и идентитет се сигурни и непроменливи, но дека неодговорните политики на актуелната власт ја оддалечуваат државата од ЕУ.
По преземањето на власта, потсети Филипче, ВМРО-ДПМНЕ наследи стабилна и јасна позиција во евроинтегративниот процес со загарантиран македонски јазик во Европската Унија и јасен пат за напредок. „Но, ВМРО-ДПМНЕ не ги оствари ниту едно од ветувањата за подобра преговарачка позиција. Ветуваа и лажеа дека можат подобро. Дека можат да обезбедат подобар договор со Бугарија, дека можат да обезбедат нова преговарачка рамка, дека се во периметарот и први во редот. Кажуваа дека имаат многу партнери кои нè разбираат и поддржуваат. За жал, ништо од тоа не се покажа како точно“, рече Филипче.
За него резултатот од гласањето за извештајот е резултат на дипломатските импровизации и целосната негрижа на Владата за зачувување на меѓународната позиција на државата.
„За една година Македонија ја изгуби довербата кај стратешките партнери, што е единствено вина на оваа власт. Нема Мицкоски кон кого да покаже со прст, ветуваше гордост, а добивме понижување“, рече Филипче.