Тој денеска на прес-конференција најави дека пратеничката група на СДСМ ќе поднесе закон за намалување на стапката на ДДВ од 18 отсто на 5 отсто за горивата, закон за намалување на акцизата за четири денари, закон за укинување, односно нула отсто ДДВ за основните прехранбени производи и закон за преполовување на цените на патарините во земјата.
„Владата мора да реагира и мора да ги прифати овие закони затоа што народот, едноставно, во оваа криза нема да може да се прехрани“, изјави Филипче.
Тој посочи дека од денеска повторно има покачени цени на горивата во земјата и иако, како што рече, премиерот Христијан Мицкоски најавувал дека горивата ќе поевтинат и дека ќе се намалат за два и пол денара за литар, тие поскапеле за седум денари.
„Ова е второ сериозно покачување на цените на горивата, а Владата не презеде буквално ништо да го заштити стандардот на граѓаните. Нема најава за никакви мерки што во оваа тешка криза ќе им помогнат на граѓаните полесно да живеат. Не се само во прашање цените на горивата. Ова поскапување ќе доведе до поскапување на храната, на основните прехранбени продукти, евентуално и на струјата. Потоа, дури и цената на нафтата на светските берзи да се стабилизира и да се намали, ако дојде до овие поскапувања, ништо не може да ги врати цените назад. Сите земји во регионот веќе презедоа соодветни мерки со кои им помагаат на своите граѓани полесно да ја надминат оваа криза. Само нашата Влада не прави ништо, се грижи само за сопствените бизниси и за сопствените тендери. Тоа го прават изминативе две години во континуитет. За само една недела, во согласност со просечната потрошувачка на деривати, граѓаните плаќаат три милиони евра повеќе, само со покачувањето на цената на дизелот. Со новото поскапување неделно тоа ќе ги чини граѓаните повеќе од 4,5 милиони евра, пари што ќе бидат одземени од граѓаните и компаниите“, изјави Филипче.
Тој се осврна и на темата евроинтеграции, нагласувајќи дека во моментот европскиот пат на државата е целосно блокиран и дека нема никаков напредок. Филипче за мај најави две, како што рече, „сериозни политички активности да се разобличат лажните патриотски политики на ВМРО, бидејќи зад нив се крие само бизнис-интерес“.
Првата е формирање на скопска иницијатива, која што појасни дека е регионална иницијатива со повеќе политички партии од околните земји, со кои прават заеднички фронт за европската интеграција, борбата против корупција и борбата против авторитарните режими. Тој додаде дека станува збор за сестринските партии од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија.
„Сериозно ги слушаме пораките од Европа. Прво, проширувањето е еден од приоритетите. Второ, ако ја пропуштиме оваа можност, приоритетите утре може да се сменат и да се стави акцент на Молдавија и Украина. Може да останеме без предвидените средства. Во јуни ќе има самит на ЕУ во Подгорица, каде веќе се пишува договорот за Црна Гора. Што ќе се случи ако нè остават сами? Ние нема да можеме економски да ја надминеме кризата во која ќе нè стави оваа власт. Успеаја во 2024, политичките договори да ги сведат на предавство со националистичка реторика, ама тоа е патот напред. Ништо не е загрозено од нашиот идентитет. Сега кога треба да се стават Бугарите и Хрватите во Уставот и да се отворат досиејата на УДБА, ВМРО-ДПМНЕ става “стоп“. И што прави? Српскиот свет, сомнителен капитал и свои бизниси“, изјави Филипче.
Вториот настан, што го најави е партиски конгрес. На него, ќе ги објават постулатите на нивната програма за следните парламентарни избори, за кои, како што посочи, се сигурни дека ќе бидат предвремени.
„На тој конгрес ќе ја обзнаниме нашата проевропска платформа кон која се повикани да се приклучат сите сите проевропски партии, поради тоа што мораме да излеземе од овој ќорсокак, каде што намерно нè стави премиерот и Владата“, изјави Филипче.
Одговарајќи на новинарско прашње дали има некаков договор со ВМРО-ДПМНЕ околу изборите, Филипче рече дека тој има договор само со членовите на партијата, дека ќе се борат за европска Македонија и дека сите што се сега на власт ќе одговараат за сè што прават.
„Првпат една Влада во историјата на независна Македонија знае точно што треба да направи, а не го прави тоа. Јасен е антиевропскиот пат. Сигурен сум дека на следните избори ВМРО-ДПМНЕ нема да може повторно да ги излаже граѓаните“, рече лидерот на СДСМ.
Тој додаде дека еврокомесарката Марта Кос дала сериозно предупредување дека нема место за нови членки, врз кои Русија и други имаат влијание и дека Европа не сака тројански коњи.
„Тоа е силна порака. Во извештајот на Европскиот парламент нема напредок во клучните области: владеење на право, реформи во правосудство, борба против корупција и криминал. Не може да има слобода во медиумите кога огромен процент се во сопственост на луѓе блиски до унгарскиот премиер Орбан“, изјави Филипче.






