петок, 23 јануари 2026

Филипче: Македонската држава и општество не се зрели за укинување на техничката влада

Техничката влада може да се укине кога би биле зрело општество. Но учество во овој момент на лидерска средба за укинување на техничката влада, значи поддршка на криминалот и корупцијата, укинување на демократијата… Постоењето на техничката влада е единствената можност за фер и чесни избори. Само пржинска влада во која ќе има претставници од опозицијата е последна заштита од злоупотребата на институциите во изборниот процес…

Тоа се неколку поенти кои ги наведе лидерот на СДСМ, Венко Филипче на денешниот брифинг со новинарите, на кој поопширно ги наведе аргументите зошто неговата партија не ја прифаќа поканата за лидерска средба на премиерот Христијан Мицкоски, на која една од темите е токму укинувањето на техничката влада.

Објавено на

часот

Сподели

Како аргументацијата на тврдењето дека во овој момент македонското општество не е „зрело за укинување на техничката влада“, лидерот на СДСМ смета дека тоа е затоа што „оваа власт агресивно ги стави канџите на сите институции и ги злоупотребува во свои политички цели“.

За причините на Мицкоски за свикување лидерска средба, Филипче нагласи дека „му се брза“ и дека „се бара алиби за распишување избори – не му треба дијалог, туку покритие“, но СДСМ тоа нема да му го даде. Сепак, на новинарско прашање, дали ако сепак се распишат избори, СДСМ ќе учествува – Филипче одговори потврдно и дека ќе ги користат сите демократски средства во политичкиот живот. Исто така наведе дека во Собранието ќе учествуваат во расправата за сите реформски закони поврзани со евроинтеграцијата, како и во изборот на нов народен правобранител, кои беа посочени како некои од темите на лидерската средба.

„Не смее да се укине техничката влада, затоа што само тоа е светлина, единствена можност за чесни и фер избори. Тие не ја сакаат техничката влада, затоа што кога ќе влезе министер од опозиција, ќе има увид во сите злоупотреби и во целиот коруптивен систем. Не сакаат техничка влада, затоа што тоа за оваа власт ќе значи отворање на Пандорината кутија“ рече Филипче.

Претседателот на СДСМ наведе дека се гледа „окупирање на правосудниот систем“ и дека „воспоставена е целосна контрола на обвинителството, се врши притисок врз Судскиот совет и се носат измени на Кривичниот закон коишто ѝ одговараат само на власта“, нагласувајќи дека „тоа не се прави случајно, се прави за да се заштити криминалот и корупцијата.“

Филипче уште еднаш се осврна на резолуцијата за заштита од мигранти, што беше изгласана во Собранието со 65 гласа, дека со неа практично се укинува слободата на говор на опозицијата, а  предупреди и на опасностите од партизација и злоупотреба на полицијата.

„Со Законот за полиција се оди кон целосна партизација на МВР“, при што „секој разговор за укинување на техничката влада не е само неодговорен, туку и опасен по демократијата и процесите во земјата.“

Филипче потенцираше дека „само техничка влада, во која има присуство на опозицијата во Владата, може да гарантира фер и демократски изборен циклус“ и дека е потребна и како институционална рамнотежа: „Техничката влада ќе гарантира некаков институционален баланс.“

Филипче гледа одредени ризици и во системот „Безбеден град“, во делот за дигиталниот надзор, односно во смисла на тоа кој и како ќе располага со податоците од движењето на возилата и луѓето.  Тој предупреди на ризиците од нерегулираните системи, притоа нагласувајќи дека не се сомнева во безбедносниот аспект на системот.

„Легализација на масовен надзор, преку системот ‘сејф сити’, со 65 илјади камери, овозможува дигитален надзор на движењата на граѓаните… Технички министер за внатрешни работи од опозицијата е гаранција дека овој систем нема да се злоупотреби за следење на граѓаните или опозицијата за време на кампањата“, смета Филипле.

СДСМ останува на ставот дека техничката влада е неопходна како последна институционална брана за демократски избори и заштита од злоупотреба на државните институции, затоа што, како што порача Филипче, таа не е само „техничко тело“, туку „институционално вето против воспоставување на авторитарен режим.“

Сепак, на крајот на брифингот, Филипче упати порака и до другите политички субјекти во Македонија, наведувајќи дека „кој оди на состанокот што го иницира премиерот Мицкоски е поддржувач на изолацијата на земјава и дава легитимитет на сите антидржавни политики“.

„И што е најлошо, дава легитимитет на криминалот и на корупцијата“, беше радикално категоричен рече претседателот на СДСМ.

Тој јасно посочи дека кој оди на таков состанок јавно се декларира дека е соработник на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ.

„За ЗНАМ тоа сите го знаат, одамна е јасно. Тендер е коалиција на плаќање, на уцена. Нивната соработка е веќе јасно дефинирана. Тоа нашиот антикорупциски тим секојдневно го образложува и го обзнанува. Време е да се знае кој е за Македонија, а кој е за криминал и корупција. Да знаеме кој е за изолација, а кој е за прогрес и за интеграција. И поради сето тоа за нас Европската Унија нема алтернатива“, порача Филипче.

Ј.П.

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ