четврток, 10 јули 2025

Филипче – Клингбајл: Европската перспектива е единствениот пат за стабилност, развој и реформи

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска во Берлин, Сојузна Република Германија, во рамки на конгресот на германската Социјалдемократска партија (СПД), оствари средба со актуелниот вицеканцелар на Германија и сојузен министер за финансии, Ларс Клингбајл, кој воедно е и копретседател на СПД, информираат од СДСМ.

Објавено на

часот

Сподели

„На средбата, претседателот Филипче изрази благодарност до вицеканцеларот Клингбајл, за континуираната и силна поддршката на СПД за евроинтеграцискиот  процес на Македонија, посочувајќи дека како сестрински партии, ја споделуваат истата визија за праведна, обединета и солидарна Европа.

Филипче и Клингбајл разговараа за забрзувањето на евроинтеграцискиот процес на Македонија, како и на земјите од регионот и Западен Балкан, оценувајќи го како клучен процес за стабилизација, развој и напредок на државите-кандидатки за членство во Европската Унија. Беше посочено дека само со вистинска интеграција во ЕУ може да се обезбеди одржлив напредок – и економски и институционален, особено во однос на владеењето на правото и борбата против корупцијата“, наведуваат од СДСМ.

Заеднички бил изразен ставот дека Македонија мора да продолжи по европскиот пат, како единствена алтернатива за напредок и подобра иднина на државата.

„На средбата претседателот Филипче потенцираше дека во периодот на Владата предводена од СДСМ беа реализирани клучните стратешки цели – Македонија стана членка на НАТО и ги отпочна преговорите за членство во ЕУ. Претседателот Филипче истакна дека социјалдемократските вредности и натаму остануваат патоказ во креирањето на политиките на СДСМ, со фокус на подобар животен стандард, социјална правда и европска иднина“, се вели во соопштението на СДСМ.

Филипче и Клингбајл ја нагласиле потребата од натамошно унапредување на меѓупартиската соработка и размена на искуства меѓу СДСМ и СПД, како сестрински партии кои делат заеднички социјалдемократски вредности, базирани на солидарност, еднаквост, владеење на правото и социјална сигурност.

Воедно, на средбата се разговарало и за актуелните геополитички предизвици со кои се соочува Европа и светот, важноста од регионална стабилност и потребата од силни, доследни социјалдемократски политики – како јасен одговор на растечките нееднаквости, популизмот и економската несигурност.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ