Според Филипче, станува збор за координирана кампања од медиуми блиски до власта, кои, како што вели, се обидуваат да ја дискредитираат партијата. Тој нагласи дека Пендаровски, напротив, дава целосна поддршка на актуелното раководство и на политиките што ги спроведува СДСМ.
„Интересно е што прашањето се отвора сега, а изјавата е дадена пред неколку недели. Ако се погледне во целост, јасно се гледа дека станува збор за поддршка, а не за критика. Сепак, дел од медиумите постојано пласираат наратив за поделби во партијата“, изјави Филипче.
Тој додаде дека засилените напади се резултат на, како што рече, последната анкета на ВМРО-ДПМНЕ, чии резултати не се објавени во јавноста. Според него, разликата меѓу двете партии значително се намалила – од однос еден спрема три, на еден спрема 1,25.
Филипче остро ја критикуваше актуелната власт, оценувајќи ја како „најкоруптивна досега“, и истакна дека, според него, се наоѓа во паника поради падот на поддршката.
Во однос на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, кој ги оцени политиките на СДСМ во евроинтегративниот процес како „коленичење“, Филипче побара конкретно објаснување.
„Нека излезе премиерот и нека објасни што значи тоа коленичење и на кој начин се загрозени националните интереси со политиките што ги водеше СДСМ во изминатите години“, рече тој.
Филипче посочи дека и самиот премиер нема изразен став против внесувањето на бугарското и другите малцинства во Уставот, додавајќи дека актуелната власт, според него, работи во интерес на странски држави.
Во таа насока, тој го обвини Мицкоски за „национално предавство“, тврдејќи дека неговите политики се во корист на други земји и спротивни на европската перспектива на државата.






