„Сакам да информирам јавноста дека веќе формиравме т.н антикорупциски тим во рамките на нашата програма ‘Нова сила’. Антикорупцискиот тим е еден од столбовите на оваа нова програма. Дозволете да го образложам, што тоа претставува. Тоа е професионален тим, советници, експерти во областа на правото, во областа на финансиите“, изјави Филипче.
Филипче посочи дека тимот во кој ќе има и млади активисти и истражувачи на СДСМ, ќе работат на откривање и документирање на корупциските скандали.
„Што ќе работи овој антикорупциски тим? Токму тоа што го гледаме овие денови – ќе истражуваат скандали, ќе анализираат документи, ќе ги презентираат пред јавноста и ќе ги разоткриваат сите корупциски шеми на оваа криминална власт. Ќе поднесуваме и соодветни пријави до национални и меѓународни институции. Така како што почнавме, така ќе продолжиме да откриваме и понатаму“, посочи Филипче.
Toj подвлече дека мотивацијата и енергијата зад оваа иницијатива доаѓа токму од младите луѓе во партијата кои како што рече, се подготвени да градат вистински европски вредности. „Тоа е новата сила што ќе гради европски вредности во Европска Македонија“, порача тој.
Како дополнителен механизам, претседателот Венко Филипче најави и нова платформа која наскоро ќе биде објавена.
„Во скоро време ќе објавиме и платформа на која што било кој граѓанин од било каде во државата, од кое било село, град, општина, регион, ќе може да пријавува вакви скандали. Да прикачува документи, да пријави корупција, да достави докази и материјали“, истакна Филипче.
Со ова, СДСМ ја отвора новата фаза на јавно и транспарентно разобличување на криминалот, со цел државата да се врати на вредности на правда, отчетност и европска перспектива, рече Филипче.






