„Практично Европската Унија да не ја гледаме како наша стратешка цел, туку како инструмент да стигнеме до нашата стратешка цел, а наша стратешка цел е да живееме подобро, поквалитетно, во добри, средени, урбани средини, да има можности за младите, да има високи плати, да има квалитетен живот, младите да не заминуваат од земјата, а старите да имаат достоинствени пензионерски денови“, рече Филипче.
Во таа насока, тој истакна дека придобивките од членството во ЕУ се клучни за развојот.
„Колку сте помалку развиени, толку имате поголем процент од европските фондови. И тоа што сега ние не можеме да го направиме, празни места, празни локации, поранешни фабрики – во Хрватска прераснуваат во културни центри, спортски сали, сали за концерти, сали за соодветни активности за деца, за кино-проекции за возрасни и пензионери, луѓе што благодарение на европските фондови се платени да се грижат за пензионерите. И тоа е тоа што Европската Унија вистински квалитативно го нуди, да го подобриме нашиот живот, поради тоа што, немајќи ги тие кохезиски фондови, ние практично сме оставени на немилост. Значи, ја гледаме Европската Унија како инструмент да стигнеме до нашата стратегиска цел“, порача Филипче.
Претседателот на СДСМ оцени дека за жал во Македонија има влада, која ништо не прави за членство во ЕУ.
„Жал ми е што имаме влада што ништо не прави на таа тема. Сметам дека тоа што сме некако поданички наместени во односите со Србија, Унгарија и практично Русија, не нѐ води никаде. Оваа стагнација, немањето развој, не му носи добро на никого“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Филипче уште кажа дека СДСМ и СДП договориле збратимување на општините во кои и двете партии имаат свои градоначалници.
„Преку оваа иницијатива, ќе се овозможи директна размена на искуства, знаење и добри практики, особено во користење на европските фондови и развој на локалните заедници. Искуството на Хрватска од членството во Европската унија е особено значајно за Македонија“, рече Филипче.
Хајдаш Дончиќ пак, истакна дека Социјалдемократската партија на Хрватска силно ја поддржува СДСМ и европската перспектива на Македонија.
„СДП на Хрватска силно ја поддржува европската перспектива на Македонија, а силно ја поддржуваме и нашата партнерска партија во Македонија СДСМ. Треба да знаете дека Европската Унија е само средство за остварување на вашите национални цели, а тоа е благосостојба, односно полна вработеност и пријатен живот за сите граѓани на Македонија. На тој пат имате искрен пријател во СДП на Хрватска, искрен пријател и во мене“, рече Хајдаш Дончиќ.
Тој посочи дека Европската Унија носи огромни придобивки за напредокот на државата.
„Тој пат е трнлив и можеби Европската Унија не е идеална, но за мали народи како хрватскиот и македонскиот, во ова глобално опкружување, јас не гледам подобра асоцијација во моментов“, рече Хајдаш Дончиќ.






