„Во врска со веста на Алсат за наводни несогласувања меѓу мене и коалицијата Вреди, јавно го предизвикувам медиумот и неговите извори да излезат со конкретни факти и да ги образложат овие инсинуации. Нека излезе вистината на виделина и нека ѝ се разјасни на јавноста какви ‘несогласувања’ наводно постојат.
Доколку под ‘несогласувања’ се подразбира моето противење на моделот на раководење на Вреди со двајца претседатели – тогаш да, имаме суштински разлики“, директно ги расчистува Фетаи дилемите во информациите за разликите во ставовите во коалицијата Вреди.
Тој наведува дека првично тоа не бил само негов индивидуален став, туку партиска одлука на АА.
„Овој став не беше мој, како Арбен – туку колективна и едногласна одлука на АА, вклучително и пратеничката Муса и министерот Алиу. И двајцата, на седниците на Управниот совет на АА, па дури и јавно во медиумите, го нарекоа овој модел неприфатлив за АА, рекоа дека предлогот е несериозен и дека воопшто не заслужува да се дискутира. Што ги мотивирало нив преку ноќ да го прифатат овој модел, без дебата и без нова одлука во Управниот совет на АА од кој си заминаа, тоа треба самите да го објаснат.
Јас секогаш сум се водел и ќе продолжам да се водам од моите убедувања и принципи, а не од моментални интереси или ниски политички калкулации.
Ова го имам докажано во текот на 10 години ангажман во АА: Кога се дистанцирав од влегувањето на АА во владата СДСМ-ДУИ под диктат на Села; Кога како шеф на кабинетот на Таравари направив сè АА да биде основач на коалицијата Вреди; Кога, како претседател на Собранието на АА и заменик-премиер, со скршено срце ги разделив патиштата со мојот близок пријател Таравари, затоа што тој избра да коалицира со ДУИ, спасувајќи ги на тој начин и Вреди и Владата“, наведува Фетаи.
Тој нагласува дека и денес е истиот, кога барам обединувањето на Вреди да се гради не врз поединечни имиња, туку врз јасна визија, вредности, принципи и добро дефинирани правила, без наметнување, без брзање и без предавство.
„Вреди ми должи многу лично, но пред сè, му должи на секој активист и секој гласач на АА. Без нашето ангажирање, денес Вреди немаше да постои. Без нас, ДУИ, без никакво сомневање, ќе се вратеше на власт, преку сценарио за двојни избори. Вреди треба да биде благодарна за тоа.
Вистината излегува само со факти, не со инсинуации. Отворен сум за секоја дебата заснована на аргументи.
Еве, јас велам дека немам и не сум имал никакво несогласување со лидерите на Вреди: Изет Меџити, Билал Касами, Беким Сали и Беким Ќоку. Разлики во мислења, или пристапи за одредени прашања може да имало со некого од нив, како што се случува во секоја демократска сила, но несогласувања – со никого. Нека се прашаат и тие какви несогласувања некогаш имале, или имаат денес со мене. Нека зборуваат отворено и јавно, како што заслужуваат граѓаните. Останатите што измислуваат ‘несогласувања’ се едноставно мерценери“, порачува со својот став Арбен Фетаи.






