вторник, 3 март 2026

Фемицидот како системски неуспех: НВО секторот бара имиња и презимиња и најстроги казни за виновниците

По вчерашната трагедијата во скопската населба Тафталиџе, во која по пад од тераса починаа мајка и нејзината шестгодишна ќерка, граѓанските организации обвинуваат за образец на задоцнети реакции и култура на неказнивост и бараат суспензии и најстроги казни за сите што биле должни, а не постапиле во случаите на семејно насилство. Националната мрежа против насилство бара независна истрага и кривична одговорност за институционалното непостапување. Министерството за труд и социјална политика најави вонреден инспекциски надзор и вети транспарентност по завршување на инспекцијата.

Објавено на

часот

Сподели

Трагедијата што вчера ја потресе скопската населба Тафталиџе, во која животот го загубија 31-годишна мајка и нејзината шестгодишна ќерка, отвори сериозни прашања за функционирањето на институциите задолжени за заштита од семејно насилство.

Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство побара итна, темелна и независна истрага за случајот, нагласувајќи дека доколку се утврди дека институциите имале сознанија за претходно насилство, а не презеле мерки, одговорноста мора да биде именувана и санкционирана.

Според нив, ова не е изолиран инцидент. Само во 2026 година веќе четири лица го загубиле животот како последица на родово базирано и семејно насилство. Дополнително, тие се повикуваат на податоци од Евростат за 2023 година, според кои Македонија е меѓу земјите со највисока стапка на фемициди во Европа.

„Оваа трагедија не е изолиран случај. Само во 2026 година веќе се изгубени четири животи како последица на родово базирано и семејно насилство. Според податоците на Еуростат за 2023 година, Северна Македонија е меѓу земјите со највисока стапка на фемициди во Европа што е алармантен показател дека системот за заштита не функционира ефикасно. Пред само еден месец предупредивме дека новата година започна со загрижувачки пораст на случаи на семејно и сексуално насилство врз жени и деца. Ова што го гледаме не се изолирани инциденти ова е образец. Образец на недоволна превенција, задоцнети институционални реакции, слаба проценка на ризик и недоволна заштита на жртвите. Наместо системот да обезбедува навремена заштита, третман и санкционирање на сторителите, сведочиме на пропусти што ја одржуваат и продлабочуваат културата на неказнивост“, велат од Мрежата.

Оттаму бараат целосна и транспарентна истрага за постапувањето на сите институции, суспензија на службените лица до завршување на постапката, утврдување индивидуална одговорност и соодветни санкции – вклучително и кривична одговорност таму каде што ќе се утврди пропуст.

Тие бараат и итна ревизија на проценките на ризик и механизмите за заштита на жртвите, предупредувајќи дека „животот на жените и децата не смее да зависи од тоа дали системот ќе ја препознае опасноста дури откако трагедијата веќе се случила“.

Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека веднаш бил извршен вонреден инспекциски надзор во Центарот за социјални работи – Скопје.

Според првичните информации, случајот бил евидентиран во октомври 2025 година поради постапка за развод, додека допис од МВР за пријавено насилство бил примен во февруари 2026 година, а се однесувал на настан од декември 2025 година.

„Според првичните информации од инспекторите, починатата заедно со сопругот за прв пат се евидентирани во Центарот на 07.10.2025 година, по барање на Основниот граѓански суд за постапување по тужба за развод на брак. Во однос на пријавено насилство, допис од Министерството за внатрешни работи е примен и заведен во Центарот на 02.02.2026 година, а се однесува на настан од 19.12.2025 година, за сторен прекршок  против јавниот ред и мир односно физички напад на сопругот врз сопругата. Министерството има јасен и недвосмислен став: секое евентуално пропуштање, ненавремено постапување или непочитување на законските обврски мора да биде целосно утврдено, а одговорност мора да има согласно закон. Заштитата на жртвите на насилство и превенцијата од семејно насилство се врвен приоритет и нема да дозволиме институционални слабости да останат неадресирани“, велат од Министерството.

Министерството нагласува дека секое евентуално пропуштање мора да биде утврдено и санкционирано согласно закон, а јавноста ќе биде информирана по завршување на надзорот.

И.О.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ