петок, 5 декември 2025

Фејсбук-пресметка на бившите македонски премиери

Едниот е во Будимпешта, за другиот мислеа дека е во Дубаи, но вели дека реплицира од „Македонија во НАТО“. Двајцата беа премиери на македонската влада, а сега се „пресметуваат“ на Фејсбук.

Објавено на

часот

Сподели

Никола Груевски од Будимпешта ги обвинува неговиот наследник на премиерската позиција Зоран Заев и актуелниот лидер на СДСМ, Венко Филипче дека се дволични во однос на руско – украинскиот конфликт.

„‘Ербап-европеецот’ спремен да прати туѓи деца на фронтот, на големо во стотици милиони рубљи секој месец врши трговија со руско железо и челик, односно купува евтино железо од Русија, чија цена е пониска заради силните западни санкции кон Русија, и прави зделки во кои сите имаат заработка, и продавачите од Русија и купувачот фирма на Заев. Така кажано, со сегашниот наратив на европските политички лидери, тој заради лично богатење учествува во зајакнување на финсирањето на Русија, и приватно како Заев-бизнисмен тој всушност ја финансира војната во Украина, но не Украина.

Значи за Украина официјално даваше подршка со парите на сите граѓани и ако затреба и сите така решат и со жива сила, а за целите на лично богатење тој е во тесна соработка со компании од Русија, кој фирми од тие заработки плаќаат даноци во буџетот на Русија.

Ова го пишувам со цел уште еднаш да покажам за каква тешка дволичност, неискреност, недоследност и непостојаност станува збор кај овој човек кој секогаш, па и денес едно зборува, а друго прави.

Најважно за него е да го зголеми личното конто, другото сѐ што треба ќе каже и ќе направи, ќе одглуми, ќе пофали, ќе попушти, ќе се умилкува, ќе заражи каде смее, ќе истури бес некаде, ќе лаже, ќе става рака на срцето, па макар и тие што го донесоа на власт да ги измами, а знаеме дека него народот не го донесе на власт“, пишува Никола Груевски за Зоран Заев.

Но Груевски во својата објава на Фејсбук не останува само на случајот со „дволичноста“ на Заев, туку како втор дел од истата приказна, го дополнува со анализата на случајот со „златната виза“ за Дубаи на Венко Филипче.

„Втората тема беше предизвикот кон Венко Филипче да покаже документација дека навистина златната виза во Дубаи, ја добил затоа што бил на ум да го напушти македонското здравство и да замине како лекар-печалбар во Дубаи, а не како содружник во фирми на Заев со скриена за јавноста сопственост.

Како што беше логично Заев да демантира дека во сред период на санкции на Западот кон Русија, кои тој громогласно ги подржува, а во позадина прави бизнис и многу пари со руските компании, така беше логично, документите и лиценците кои вчера ги наведов дека се предуслов за еден лекар да добие златна виза во Дубаи, Венко Филипче денес демантирајќи ме, да ги презентираше на јавноста.

Молкот по ова прашање, практично беше потврда дека тој не добил златна виза како лекар, туку како инвеститор.

Законите во Обединетите Арапски Емирати бараат барателот на златна виза на основ инвестиција, да има инвестирано во таа земја најмалку 550.000 американски долари, износ што Филипче како лекар во македонскиот здравство можел да ги заработи доколку 40 години работел и не трошел ниту денар од неговата плата, односно доколку почнал да оперира на деветгодишна возраст и притоа да не трошел пари од платата за храна, облека и слично.

Тоа е всушност и причината зошто Венко Филипче мораше да ја лаже јавноста дека не добил златна виза како бизнисмен-инвеститор, туку како лекар“, пишува Груевски за случајот со „златната виза“ за Дубаи на Венко Филипче.

На обвинувачките аргументи во Фејсбук-објавата на Груевски, реплицира Зоран Заев, почнувајќи со директно обраќање: „Никола, ти навистина не знаеш што да правиш со самиот себе“.

„Само да ти кажам, овие твоите те слушаат, гледам дека секојдневно им делиш задачи. Знам, контролата од далечина ти е малку тешка. Можеше да ја одлежиш казната, тоа малку што ти го дадоа, бидејќи да бев јас некој друг и да се мешав во правосудството, ти ќе добиеше многу повеќе. Но, јас не сум како тебе и твоите, јас сепак се борев за слободна и демократска Македонија.

Да ја одлежеше тогаш казната и да покажеше достоинство кон народот на Македонија, денес ќе можеше од тука, од Македонија, да зборуваш пред нашата јавност, наместо од бегство да пишуваш епопеи за кои тука се тера мајтап дека никој не може и не сака да ти ги дочита до крај“, пишува Заев на Фејсбук.

Споредувајќи ги нивните постпремиерски „кариери“, Заев констатира дека за разлика од Груевски – „неуспешниот и поразен ‘боксер’, ние пред политиката се занимававме со сопствена работа, и тоа успешно“.

„А сега, кога скоро пет години сум во политичка пензија, нема ден да не ме спомнете. Толку ли комплекси сте си натовариле?

За разлика од тебе, којшто се капеш во украдените парите на граѓаните на Македонија, јас достоинствено работам и своето време и натаму ќе го трошам на работа, а не на серијали писанија посветени на тебе. Тоа значи дека ова е една од ретките прилики кога го добиваш повторно моето внимание.

Затоа, ти предлагам, најди си нешто да работиш. Не мислам да работиш за да заработиш, тоа го имаш оти безобразно и развратно крадеше. Туку мислам на тоа да си најдеш некое хоби, занимација, да ти „годи” додека се разубавуваш. Научи ли гулаш да правиш?

За крај, се надевам и верувам дека ќе дојде денот кога ќе се појавиш во Македонија, а добро знаеш каде ќе треба директно да одиш.

За да разбереш: Јас жеден да сум, Русија капка вода нема да ми даде, а камоли бизнис да ми даде. До свидания Никола !

Поздрав од Македонија, полноправна членка на НАТО !“, реплицира Заев на обвинувањата на Груевски на Фејсбук.

 

 

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ