недела, 14 декември 2025
Детали за апсењето на поранешниот државен правобранител

Фехми Стафа зел 50.000 евра поткуп за да влијае кај судија во Апелацискиот суд Скопје

Полициски службеници по наредба на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција го лишиле од слобода Фехми Стафа поради сторено кривично дело примање награда за противзаконито влијание.

Објавено на

часот

Сподели

Како што информира МВР, во периодот од октомври до 13 декември 2025 година осомничениот примил вкупен износ од 50.000 евра за да посредува и да го искористи своето реално влијание за да интервенира кај судија во Апелацискиот суд Скопје и со поткуп кон судијата да влијае за да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши.

Првично, како што се наведува, осомничениот побарал 100.000 евра за да влијае за укинување на мерка притвор определена кон лице кое е недостапно на органите на прогонот и против кого ОЈО ГОКК води друга постапка за кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството.

На 6 октомври 2025 година примил дел од побараниот износ и тоа 30 000 евра, што му ги предала сестрата на лицето во бегство. На 13 декември 2025 година директно побарал и примил уште 20.000 евра, како дел од поткупот што го барал за да го даде на судијата.

Непосредно по примањето на паричните средства осомничениот е лишен од слобода и кај него се пронајдени парите.

Се работи за поранешниот државен правобранител Фехми Стафа, кој ја извршуваше функцијата државен првобранител од август во 2018 година до 23 август 2022 година кога беше разрешен.

Државниот правобранител го назначува Владата, а институцијата со која раководи е задолжена да ги штити имотните и други права и интереси на државата.

Во последниот период Фехми Стафа работеше како адвокат, а беше и меѓу пријавените кандидати на последниот јавен оглас на Собранието за избор на член на Судскиот совет.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ