„Мислеа дека ако молчат, вистината ќе исчезне. Мислеа дека ако ги игнорираат фактите, народот ќе заборави. Но, се излажаа. Ние не забораваме, а од денес, нивната афера добива и официјална, институционална димензија.
Да кажеме, за да слушне целата јавност што се обидуваат да скријат зад молкот:
Прво: Фамилијата на Али Ахмети, преку фантом-фирмата ‘АС Сењак’, продаде огромен пакет акции на Алта Банка од Белград, банка директно контролирана од режимот на Александар Вучиќ.
Второ: Истите тие акции, фамилијата на Ахмети ги купила една година претходно од човекот на сите шеми, Сашо Мијалков. Со тоа се потврди криминалната оска Мијалков – Ахмети – Вучиќ, која функционира зад грбот на граѓаните.
Трето: Откривме дека фирмата ‘АС Сењак’ е само ‘проточен бојлер’ за перење пари, напумпана со милиони евра од тендери од општините на ДУИ, за потоа со народни пари да тргува со Мијалков и Вучиќ.
Ова не е бизнис. Ова е чисто предавство на националните интереси, платено со парите на граѓаните!“, кажа Фазлиу на прес-конференцијата.
Бидејќи ДУИ и Али Ахмети одбиваат да се соочат со вистината, Вреди денеска официјално поднела иницијатива до Државната комисија за спречување на корупцијата.
„Бараме од ДКСК итно да отвори предмет и да го истражи целото политичко влијание и сите тајни договори помеѓу политичката елита на ДУИ и српската држава, кои стојат зад оваа срамна зделка.
Бараме од ДКСК да ги испита сите тендери кои ги добивала ‘АС Сењак’, која е фамилијарна фирма на Али Ахмети и колку од тие тендери се добиени од институции раководени од функционери на ДУИ и колку преку тие тендери е нарушена законската постапка.
Нашиот сомнеж, поткрепен со сите досегашни докази, е дека продажбата на акциите воопшто не е економски мотивирана, туку е политички договорена операција. Ова не е пазарна трансакција, туку реализација на мрачен договор меѓу политички центри на моќ“, велат од Вреди.
Понатаму од коалицијата Вреди даваат неколку насоки во кои би требало да се движи истрагата на ДКСК.
„ Дали има злоупотреба на службена положба и политичко влијание од страна на Али Ахмети и функционери на ДУИ за да се овозможи оваа зделка? Каква е позадината на финансиските трансакции помеѓу фирмата на Мијалков и фирмата на фамилијата на Ахмети? Дали огромниот тендер од 1,5 милиони евра, доделен на фирмата ‘АС Сењак’ само шест дена по продажбата, е награда за успешно извршената политичка услуга кон Белград? Дали со оваа операција се загрозени националната безбедност и финансиската стабилност на државата преку инсталирање на капитал на странски режим?
Ова е тест за институциите. Ова е моментот кога ДКСК треба да покаже дали работи за граѓаните или е само декор на криминалната власт. Очекуваме брза и темелна истрага“, наведуваат од Вреди.
Истовремено порачуваат дека нема да застанат тука.
„Али Ахмети и ДУИ мора да знаат дека нема да застанеме тука. Нивниот молк нема да нè спречи. Секој ден ќе ги потсетуваме на нивното предавство.
Времето на лагите заврши. Дојде време за одговорност пред институциите и пред народот. Вистината ќе излезе на виделина, а правдата ќе ги стигне сите инволвирани во оваа антиалбанска и антидржавна афера“, кажа на прес-конференцијата Беким Фазлиу од Вреди.






