петок, 23 јануари 2026

Фатон Сељами избран во Собранието за Народен правобранител

Собранието денеска во рамки на 65-та седница го избра Фатон Сељами од Тетово за Народен правобранител.

Објавено на

часот

Сподели

За изборот на Сељами гласаа 89 пратеници, шест беа против, а од пратениците кои припаѓаат на заедници што не се мнозинство 28 беа „за“, а осум „против“.

Сељами е дипломиран правник, магистер по правни науки со положен правосуден и нотарски испит.

Спикерот Гаши информира дека на координацијата ги повикал координаторите на пратеничките групи да се усогласат за изборот на народниот правобранител и да се најде решение.

„Ги повикав координаторите на пратеничките групи да се усогласат со народниот правобранител ако можеме да најдеме решение. Немаше некоја забелешка за тоа. Никој не беше против, само ќе треба да се разговара во меѓувреме. Се надевам дека набргу ќе дојдеме до решение. Никој не го оспорува името на кандидатот за народен правобранител. Јас мислам дека ако почнеме нова процедура, уште толку ќе трае и нема никаква гаранција како на крајот ќе заврши затоа што и на новиот оглас не знаеме кој ќе се пријави. Влегувањето во таков процес ќе го ризикува процесот во целина“ рече Гаши пред изборот на Сељами.

Според него, за ова прашање потребни се политички разговори на ниво на координаторите на пратеничките групи.

„Што се однесува до нас како Собрание, ние сме ја донеле процедурата до седницата и точката е на дневен ред. Штом има договор, веднаш ќе ја свикам седницата и ќе го гласаме. Ги повикувам пратеничките групи да се договорат. А дали ќе се договорат – тоа е до нив. Неколкупати сум рекол дека проблемот не е името, но веќе сега во јануари, со блокирана институција, ќе биде голем проблем ако се навратиме на нов оглас, нова постапка, тоа ќе биде голем проблем. Дали ние сакаме да го решиме проблемот? Времето нè гази“, изјави претходно Гаши и информира дека ако кандидатот се повлече, постои можност од пријавените други кандидати да се изврши филтрирање на нов кандидат за избор на народен правобранител.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ