недела, 14 декември 2025

Фајнанс тинк: Владата да престане да ги замрзнува цените, тоа нема ефект

Притисоците врз цените сè помалку доаѓаат од глобалните пазари или од страната на храната, а сè повеќе се резултат на засилена домашна побарувачка, високи реални доходи и услужен сектор кој ги коригира цените нагоре. Затоа, носителите на политиките треба да се повлечат/воздржат од интервенции кај цените на храната кои се покажаа како краткотрајни и реверзибилни и да преминат кон политики што ја стабилизираат побарувачката, ги вкотвуваат инфлациските очекувања и спречуваат прелевање на ценовните зголемувања преку услугите“, се наведува во најновата анализа за движењата кај цените што ја изработи Институтот за економски истражувања и политики Фајнанс тинк.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Фајнанс тинк во анализата нотира дека цените на храната веќе не ја подгреваат инфлацијата, туку дека таа сега е резултат на засилена домашна побарувачка и високи реални доходи и услужен сектор кој ги коригира цените нагоре. Од институтот сметаат дека наместо широка и скапа поддршка (како, на пример, висок раст на пензиите) што може дополнително да ја поттикне побарувачката, потребно е да се цели исклучиво кон ранливите групи – домаќинства со ниски примања.

Притоа, се додава во анализата, во вакви услови, фискалната политика мора да биде прецизно насочена и дисциплинирана.

„Наместо широка и скапа поддршка (како, на пример, висок раст на пензиите) што може дополнително да ја поттикне побарувачката, потребно е таргетирање исклучиво кон ранливите групи – домаќинства со ниски примања, самохрани родители и стари лица на кои им се потребни социјални услуги – со мерки што не ја нарушуваат пазарната динамика на цените. Особена внимателност е потребна во предизборен и изборен период“, посочуваат од Фајнанс тинк.

Истовремено, велат од институтот, монетарната политика треба јасно да сигнализира дека борбата со инфлацијата останува врвен приоритет.

„Во услови кога растот на платите и цените на услугите покажуваат знаци на трајност, инфлацијата станува “леплива”, односно тешко се повлекува, како што е евидентно сега. Затоа, Народната банка мора да биде подготвена да ја задржи или, ако стане потребно, заостри рестриктивната поставеност – бидејќи долгорочната стабилност на цените е клучна за економската доверба и заштита на реалната вредност на приходите на граѓаните“, сметаат од Фајнанс тинк.

Во објавената анализа, Фајнанс тинк се повикува на податоците од Државниот завод за статистика според кои инфлацијата во месец јули 2025 изнесува 4,8 отсто на годишно ниво и 1,1 отсто на месечно ниво.

„Со тоа, инфлацијата го продолжи забрзувањето коешто беше присутно и во претходните месеци. Прегледот на податоците за движењето на цените на храната, покажува дека движењето на вкупната инфлација не е главно водено од движењата кај цените на храната. Месечниот индекс на цените на храната има не-растечки тренд, којшто не е доволно воочлив поради значајната варијабилност, но е присутен. Варијабилноста произлегува од периодите на замрзнување на цените и/или маржите, во кои месечниот индекс забележува пад, но тој пад е проследен со остар раст веднаш по завршувањето на важноста на мерката. Ефектот од ваквите мерки е краткорочен и реверзибилен, што значи дека намалувањето во текот на важењето на мерката се компензира скоро во целост со раст на цените кој настанува по истекот на мерката. Според тоа, укажавме дека потпирањето врз вакви мерки треба да се напушти“, велат од Фајнанс тинк.

Оттаму додаваат дека во склоп на групата храна, најголем годишен раст има кај овошјето (6,3 отсто) и кај рибата и морските плодови (5,6 отсто), додека кај сите останати компоненти растот е посмирен или негативен како кај маслата (-1,5 отсто) и шеќерите (-2,2 осто).

„Кај овошјето, веројатно се работи за помало домашно производство, ако се земе предвид дека во првото полугодие годинава извозот на овошје се намалил за 62 отсто според количински показатели. Од друга страна, увозот пораснал за 13,9 отсто количински и 23,3 отсто вредносно, што укажува дека овошјето од увоз доаѓало по значајно повисоки цени, а условите на домашниот пазар веројатно овозможувале и зголемување на трговските маржи. Состојбата кај зеленчукот е поповолна, бидејќи и домашното производство било поповолно, и увозните цени биле слични како и во споредбениот период“, велат од Фајнанс тинк.

Оттука, сега, велат од институтот, притисокот врз цените не доаѓа од страната на цените на храната, за што говорат уште неколку показатели.

„Цените на сите останати производи и услуги, освен на храната и енергијата, растеле во јули 2025 година побрзо од порастот кај вкупните цени (кои ги вклучуваат цените на храната и енергијата). Ако се земе предвид дека ценовните притисоци кај енергентите беа надолни, тогаш графиконот потврдува дека притисокот врз вкупните цени не доаѓа ниту од страна на храната“, се вели во анализата на Фајнанс тинк.

Понатаму се укажува дека кога ќе се исклучи непроцесираната храна, како што е свежо и замрзнато месо, jajцa, риба и морски плодови, овошје и зеленчук, тогаш цените растат помалку (1,4 отсто), отколку кога индексот ја исклучува и процесираната храна (1,9 отсто), која вклучува леб, сирење, масла, процесирано месо, џемови и чоколада.

„Тоа укажува дека процесираната храна има релативно помал пораст на цените, па кога и таа ќе се исклучи, во индексот остануваат само ставки со повисок пораст на цени (на пример, услуги), што го ‘зголемува’ индексот. Ако се има предвид дека значаен сегмент од процесираната храна доаѓа од увоз, тогаш може да заклучиме дека нема доминантен притисок врз цените кој доаѓа од глобалниот пазар“, се наведува во анализата.

Во неа се дава одговор и на прашањето каде треба да се бараат причините за релативно високата и перзистентна инфлација?

Затоа Фајнанс тинк дава приказ на месечниот раст на компоненти од индексот на трошоците на живот кој надминува 2 отсто, односно кој двојно ја надминува вкупната месечна инфлација.

„Забележливо, овој раст е евидентен кај цените во рестораните и кафулињата (28 отсто), туристичките аранжмани (26,6 отсто) и услугите за сместување (14,6 отсто), како и кај цените на останати производи и услуги кои имаат релативно пониски стапки. Иако на прв поглед растот кај цените на туристичките аранжмани и сместувањето може да е значајна сезонска флуктуација, овие услуги се на врвот на листата гледано и според годишната промена кај цените (84,1 отсто и 29,8 отсто, соодветно). Оттука, се чини дека сезоната не игра важна улога. Според тоа, се чини дека главен двигател на цените во јули 2025, како и во претходните месеци, е интензивираната побарувачка, како и сѐ уште недоволно вкотвените инфлациски очекувања. На пример, во првиот квартал годинава, потрошувачката на домаќинствата растеше скоро двојно побрзо од просекот во 2024 година, главно потпомогната од високиот реален раст на платите (8,8 отсто во 2024 и 6,6 отсто во првите пет месеца годинава) и високиот номинален (и реален) раст на пензиите, кои по кумулативниот раст од 5.000 денари месечно за секој пензионер, денес во просек се повисоки за скоро една четвртина во однос на нивото во истиот период лани“, посочуваат од Фајнанс тинк.

Во однос на реалните плати, од институтот велат дека вредно е да се обележи дека со исклучок на неколку месеци во 2022 година, нивниот раст останал позитивен (над нивото на инфлацијата) долж целиот изминат период. Сличен е заклучокот и кога се анализира буџетскиот трошок за плати и надоместоци во јавната администрација, тој следел континуиран годишен раст и во 2024 година (10,4 отсто) и во 2025 година (шест отсто) во првото полугодие, номинално.

„Незанемарливо забрзување на растот е евидентно и кај потрошувачките кредити на населението (на 10 отсто во јуни 2025 година во однос на шест отсто во јуни 2024 година). Додека, прометот во трговијата со храна, пијалаци и тутун во јуни 2025 забележа експлозивен раст од 22,5 отсто, што е висок раст дури и ако се земе предвид ниската стартна основа во истиот месец лани“, се наведува во анализата на Фајнанс тинк за движењата кај цените.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ