Значителен број од општините ја надминале проектираната наплата на даноци, при што Општина Дебрца има највисока стапка на реализација од 170 отсто. Од друга страна, Општините Новаци со 50 отсто, Желино со 52 отсто и Арачиново со 49 отсто имаат значителна пониска реализација на даночните приходи, се посочува во истражувањето.
Од Фајненс тинк посочуваат дека трансферите од централна власт учествуваат со 66 процентиво вкупниот буџет на единиците на локална самоуправа, а сопствените приходи со 34 отсто, и оваа структура е непроменета во последните години.
Истражувањето покажало дека има разлики меѓу општините, и во начините на собирање на средства, и во намерата да се соберат средства, но и во реализацијата, или самото собирање на даноците.
„Има општини кои демонстрираат силен напор за мобилизација на сопствени приходи, особено кај данокот на имот, но поради тесна даночна база и ограничена економска активност, уделот на овие приходи во вкупната приходна структура останува релативно низок. На крајните позиции се издвојуваат, од една страна, фискално робустни општини, со висок степен на извршување на приходите, висока стапка на реализација на сопствени даночни приходи и значаен удел на данокот на имот во вкупната приходна структура. Од друга страна, постојат општини со фискални системски слабости, кои бележат ниско извршување и на вкупните и на сопствените приходи, што укажува на ограничен простор за самостојно финансирање на локалните надлежности“, пишува во истражувањето.
Врз база на овие критериуми општините се поделени во пет категории, а во првата се општини со натпросечна реализација на вкупни приходи од 87,5 отсто, висока реализација на данок на имот, поголема од 90 отсто и значителен и натпросечен удел на данокот на имот во вкупните приходи, кој е е поголем од шест отсто.
„Тоа укажува на добро развиен приходен капацитет и ефективна наплата на сопствените извори. Тие се пример за општини со силна фискална самостојност и одржливост на приходната база. Такви се Охрид со 134 отсто реализација на данок на имот, односно 18 отсто удел во приходите, Илинден и Карпош со удел од 17 отсто, како и Центар со 14 отсто“, потенцираат од Фајнанс тинк.
Во втората категорија се општини со висока реализација на вкупни и сопствени приходи, но со ограничена даночна база. Во оваа категорија спаѓаат општините кои имаат висок административен капацитет, со висока натпросечна реализација на вкупни приходи и висока реализација на данок на имот, но со низок удел на данокот на имот во вкупните собрани приходи.
„Тоа се помали општини, каде и покрај напорот за наплата, даночната база е тесна и зависноста од трансфери е висока. Тука се Босилево, Валандово и Градско, кај кои учеството на данокот на имот е под пет проценти“, наведуваат од Институтот Фајнанс тинк.
Во третата категорија се општини со потпросечна реализација на вкупните приходи, но силен напор за наплата на сопствени приходи односно данокот на имот, кој зазема повисок удел во нивната приходна структура.
„Битола има удел на данок на имот од 10 отсто, Кисела Вода 13 проценти, а Штип и Аеродром 11 отсто. Ова укажува на фискална дисциплина и спремност за мобилизација на локални ресурси, но сепак, овие општини имаат внатрешни слабости во капацитетите за планирање и реализација на вкупните приходи“, се наведува во истражувањето на Институтот.
Во четвртата категорија се општини со висока зависност од трансфери, иако имаат висока реализација на вкупни приходи, овие општини имаат ниска реализација на сопствени даночни приходи, што покажува ограничен приходен капацитет и силна фискална зависност од централниот буџет. Како примери се наведени Вевчани, со учество на данокот на имот од три отсто во вкупните приходи и Долнени и Центар Жупа со еден отсто.
„Нивната фискална стабилност е условена од трансфери од централниот буџет, што укажува на ограничен приходен капацитет и намалена самостојност“, велат од Фајнанс тинк.
„Во последанта категорија се фискално најслаби општини, кои имаат ниска реализација и на вкупните и на сопствените приходи, со ниско учество на данокот на имот. Такви примери се Арачиново (со учество на данокот на имот од два отсто во вкупните приходи), Старо Нагоричане (три остсто) и Могила (два отсто). Ниските показатели упатуваат на ограничен административен и економски капацитет, што јазагрозува нивната способност за автономно финансирање и ја намалува долгорочната фискална одржливост“ заклучуваат од Фајнанс тинк.






