Според анализата, главниот проблем можеби не е во економијата, туку во тоа како бил планиран Буџетот. Кога Владата го прави Буџетот, таа однапред пресметува колку пари ќе се соберат од даноци, царини, акцизи и други извори. Но ако тие пресметки се премногу оптимистички, тогаш на крајот од годината се појавува јаз меѓу планот и реалноста. Од Фајнанс тинк велат дека планирањето на Буџетот е клучен инструмент во планирањето како ќе се трошат народните пари. Според авторите на анализата, ова може да значи дека државата морала да се потпира на дополнителни извори на финансирање за да ги покрие тековните трошоци.
„Анализата покажува дека потфрлањето на буџетските приходи во 2025 година не претставува изолиран инцидент, ниту може да се објасни првенствено преку слабеење на економската активност. Напротив, динамиката на даночната база, особено кај ДДВ, укажува на солидна номинална активност, додека потфрлањето во реализацијата на приходите произлегува од комбинација на оптимистички поставени проекции, структурни слабости во одредени даночни категории и управување со ликвидноста преку временски поместувања. Историската грешка во приходните проекции дополнително потврдува дека 2025 година е дел од подолг образец на преценување на приходниот потенцијал. Оттука, дебатата за буџетските предизвици треба да се насочи кон квалитетот и кредибилитетот на фискалното планирање, а не кон наративи за влошување на економијата“, посочуваат од ФТ.
Наплатата на ДДВ е речиси целосна, на другите даноци помалку
Анализата на ФТ покажа дека приходите од данокот на додадена вредност (ДДВ), кој е еден од најважните извори на пари во Буџетот биле реализирани речиси целосно.
„Кај ДДВ, оваа врска е особено изразена и силна, што упатува на висока еластичност на даночната основа кон номиналните движења во потрошувачката. Слично, растот на персоналниот данок во најголем дел од годините се движи во согласност со динамиката на платите, иако со поголема дисперзија, што одразува влијание на порастот на вработеноста, институционални фактори и промени во политиките. Во тој контекст, изостанокот на посилна реализација на даночните приходи во 2025 година тешко може да се објасни преку слабеење на основната економска база, туку повеќе упатува на фактори поврзани со поставувањето и извршувањето на приходните проекции. Поделбата на реализацијата по главни даночни категории покажува дека потфрлањето на приходите во 2025 година не е униформно, туку јасно концентрирано кај одредени извори“, наведуваат од Фајнанс тинк.
Но кај другите извори на приходи има поголемо заостанување. Помалку пари од очекуваното биле собрани од акцизи, увозни давачки, данок на добивка и од персоналниот данок на доход.
Според анализата, дел од приходите можеби се губат поради сивата економија. Од ФТ предупредуваат дека кај персоналниот данок, данокот што се плаќа од плати и натаму постои феноменот на таканаречена „плата во плико“, кога дел од платата се исплаќа неформално, без да се пријави и без да се платат даноци.
Во такви случаи државата губи дел од приходите што би требало да ги собере. Слично, кај данокот на добивка резултатите може да се должат и на комбинација од економски и структурни фактори кои не биле доволно земени предвид при планирањето на Буџетот.
„Кај приходите од персоналниот данок, дел од подреализацијата може да се припише и на зголемувањето на инциденцата на неформални работни места и се’ уште присутниот феномен ‘плата во плико’, додека потфрлањето кај приходите од данок на профит веројатно одразува комбинација од циклични и структурни фактори кои не биле целосно вградени во приходните проекции. Дел од подреализацијата кај акцизите и увозните давачки може да се поврзе и со пошироките случувања во глобалната трговија и променетите трговски текови во последните години. Сепак, ваквите фактори тешко можат целосно да го објаснат обемот на потфрлањето во 2025 година и треба да се разгледуваат како дополнителни, а не како доминантни причини“, пишува во анализата на ФТ.
Кога приходите се помали Владата мора да бара дополнителни пари
Едно од клучните прашања што ги отвора анализата е дали проблемот лежи во движењата во економијата или во самото планирање на Буџетот. Ова значи дека, кога државата планира колку приходи ќе има во една година, таа врз основа на тие пари ги планира и трошоците. Ако на крајот се соберат помалку пари, се појавува проблем. Според ФТ, во двата случаи, последиците се исти, државната каса се соочува со притисоци, а Владата мора да бара дополнителни извори на пари или да ги преиспите своите планови. Според анализата на Фајнанс тинк, клучно е да се подобри планирањето и да се зајакне наплатата на даноците.
„Фискалното планирање треба да се темели на поконзервативни и пореалистични приходни проекции, со јасно разграничување меѓу трајни привремени извори на приходи, поголема транспарентност околу динамиката на повратите на ДДВ и редовна екс пост анализа на отстапувањата меѓу планираното и оствареното“, пишува во анализата на Фајнанс тинк.
И.О.






