Во седумдесеттите години на минатиот век, Фагерстром работел со зависници од дрога и забележал дека многу од нив имаат сериозни тешкотии да се откажат од цигарите. Тоа го навело да се посвети на истражување на зависноста од никотин, а во 1975 година ја отворил првата клиника за откажување од пушење.
Денес, во време кога бројот на луѓе кои страдаат од болести поврзани со пушењето и умираат од нив не се намалува значително, Фагерстром се залага за прагматичен пристап: ако некој не може целосно да се откаже, треба да му се дозволи да премине на помалку штетни алтернативи.
„Никотинот сам по себе не е главна причина за болестите. Проблемот е во начинот на консумирање, односно во согорувањето на тутунот“, истакнува Фагерстром.
Во Шведска, земјата од која доаѓа овој психолог, стапката на пушење падна под 5 отсто, што според дефиницијата на Светската здравствена организација значи дека е земјата без чад од тутун. Клучот за тој успех се алтернативните производи, чија употреба ослободува никотин, но не и чад од тутун. Во Шведска, тоа првенствено се производи со никотин за орална употреба.
Фагерстром вели дека науката докажала оти овие производи се помалку штетни од класичните цигари. Никотинските ќесички, вели тој, содржат слични состојки како фармацевтските производи за замена на никотин, како што се гуми за џвакање и спрејови и не се поврзуваат со зголемен ризик од рак или респираторни заболувања.
„Ако сакаме да ги намалиме заболувањата и смртноста, мора да понудиме реални алтернативи. Забраната на помалку штетни производи само ја продолжува доминацијата на цигарите, кои се смртоносни“, предупредува Фагерстром.
Во контекст на Балканот, каде што пушењето сè уште е длабоко вкоренето во културата, оваа порака носи посебна тежина. Според достапните податоци, стапката на пушење во земјите од регионот е меѓу највисоките во Европа, а здравствените системи трпат огромни последици. Затоа е важно да се разгледа она што го предлага Фагерстром: не само забрани и зголемување на цените, туку и активна промоција на помалку штетните алтернативи преку едукација и носење одговорна законска регулатива.
„Не е лесно да се откажете од пушењето. Само 20 отсто од луѓето успеваат по една година, а ако се обидат сами, таа стапка е помала од 5 отсто. Затоа е важно да им се помогне на тие луѓе, а не да се казнуваат“, заклучува Фагерстром.
Во време кога јавното здравје се соочува со предизвици, пораката на овој шведски експерт е јасна – борбата против пушењето е ефикасна само кога се базира на наука, емпатија и реално применливи решенија.






