Заменик генералниот секретар на Совет на Европа, Бјорн Берге, го отвори настанот со видео порака во која ја нагласи триесет годишната соработка со Советот на Европа, којашто постојано ја докажува посветеноста на властите на демократијата, човековите права и владеењето на правото.
„Им благодарам и честитам уште еднаш на сите влади од независноста наваму, како и на граѓанскиот сектор, кои водат круцијални програми за заштита на човековите права и на демократијата”, заклучи Берге.
Заменик министерот за правда, Ален Деребан, нагласи дека пристапот до правдата е темелот врз кој се гради секоја вистинска демократија. Тој е гаранција дека ниту еден граѓанин нема да биде оставен сам пред неправдите, дека правдата е реална и дека институциите навистина им служат на луѓето.
„Како Министерство за правда, континуирано работиме на три клучни приоритети, унапредување на законодавството и зголемување на правната заштита, обезбедување бесплатна правна помош за оние на кои таа им е најпотребна, јакнење на капацитетите на правосудството – затоа што силни институции значат силна држава. Да продолжиме заедно да го градиме системот во кој граѓаните ќе знаат дека државата стои зад нив, нивните права се неприкосновени, а омразата и дискриминацијата немаат место во нашето општество“, нагласи Деребан.
Бен Нупнау, заменик амбасадор на Делегацијата на Европската Унија во Македонија, истакна дека по повод Европскиот ден на правдата, се потсетуваме на посветеноста на Македонија кон човековите права, демократијата и владеењето на правото.
„Постигнат е голем напредок во оваа област, но приближувањето на правдата до граѓаните и граѓанките е процес кој континуирано се подобрува. ЕУ и Советот на Европа ќе продолжат да поддржуваат понатамошни надградувања и да им помагаат на властите во обезбедувањето еднаков пристап до правдата за сите граѓани“, рече Нупнау.
Ѓоко Велковски, заменик министер за социјална политика, демографија и млади истакна дека Министерството за социјална политика, демографија и млади се стреми да обезбеди праведен и достапен систем кој ги штити правата на сите граѓани, особено на најранливите.
„Со промовирање на еднаквост, достоинство и активно учество на граѓаните, Министерството гради инклузивни политики што создаваат посилно и поправедно општество“, рече Велковски.
Амбасадорот Кире Илиевски, директорот за мултилатерални односи во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, нагласи дека денешниот настан посветен на одбележување на Европскиот ден на правдата се организира токму во месецот кога славиме значаен јубилеј – 30 години членство во Совет на Европа.
„Во овие три декади на созревање на македонската демократија, беше вложен голем труд при изградба на силни партнерски односи, во насока на унапредување на европските стандарди во областа на владеење на правото и човековите права, од значење за сите граѓани во Северна Македонија, како и за напредок на патот кон целосна ЕУ интеграција“, рече Илиевски.
Љубомир Михајловски, претседателот на Адвокатската комора ја нагласи клучната улога на адвокатите во давањето на бесплатна правна помош и нивната одговорност да им помагаат на граѓаните да добијат правда. Тој исто така ја потенцираше важноста од недискриминацијата, еднаквоста, заложбата за ранливите групи граѓани и граѓанки и пристапот до правда како клуч за еднакво општество.
Учесниците на настанот имаа можност да ја разгледаат изложбата на избрани цртежи и да чујат извадоци од наградените есеи од натпреварот во визуелна уметност и есеи „Да ја доближиме правдата до граѓаните и граѓанките“. Натпреварот кој заврши на 25 октомври, го одбележи Европскиот ден на правдата и имаше за цел да ги вклучи младите луѓе да се залагаат за еднаков пристап до правдата за сите, за промоција на човековите права, еднаквоста и разноликоста и за борба против омразата и нетолеранцијата.
По завршувањето на панел дискусијата, беа објавени победниците и победничките на натпреварот за цртежи и есеи.






