Во својата официјална порака до Левица, кабинетот на копретседавачите на европската левица во ЕП се заблагодаруваат што се информирани „за оваа многу загрижувачка ситуација“.
„Вашите грижи и барања ги проследивме до колегите од нашата група кои ги следат случувањата во Македонија, за да можат подетално да ја разгледаат ситуацијата и да преземат соодветни чекори. Ќе останеме во контакт со вас додека ситуацијата се развива“, гласи одговорот упатен до македонската партија Левица.
„Додека домашните институции молчат пред очигледната политичка дискриминација, меѓународните организации и нашите левичарски сојузници покажуваат подготвеност да ја разгледаат оваа неправда и да застанат во одбрана на демократските принципи. Светот ќе дознае за обидите да се замолчи единствениот социјалистички глас во Македонија.
Ова претставува важен чекор во разобличувањето на обидите за политичка елиминација на Левица. Преку ограничување на платеното политичко рекламирање, власта и нејзините сателити во медиумските регулатори се обидуваат да ја заглушат критиката и да го задушат плурализмот во јавниот простор“, се вели во соопштението на Левица.
Од партијата порачуваат дека како и секогаш во историјата, цензурата само ја зацврстува решителноста на оние што не се покоруваат.
„Левица ќе продолжи да се бори, и на домашен и на меѓународен план, против сите форми на политичка дискриминација и медиумска неправда“, се вели во партиското соопштение.






