„Сметајќи го политичкиот моментум како важен во однос на можно политичко обединување на Албанците, како и за што посилно артикулирање на гласот на Албанците, особено по конгресот на ДУИ, промените што се случија и усвоените резолуции, Централното собрание на Европската демократска партија оценува дека треба да се даде шанса на обединување во рамките на една политичка партија која ќе продолжи да биде главен глас на Албанците во Северна Македонија.
Централното собрание го овласти претседателот на партијата да ги продолжи разговорите со претседателот на ДУИ и да ја пронајде најдобрата форма и модел за заокружување на овој процес“, соопшти ЕДП.
Пред парлaментарните избори во 2024 година Аријанит Хоџа и неговата партија ЕДП (основана во август 2023) станаа дел од европскиот фронт на ДУИ, а во коалицијата НАИ на Ахмети настапија и на ланските локални избори. Хоџа беше министер за земјоделство во Владата на Зоран Заев, откако Беса направи предизборна коалиција со СДСМ во 2020 и нејзините тројца пратеници беа клучни за победата на Заев над Мицкоски по смената на уставното име на државата.
Хоџа беше и генерален секретар и заменик претседател на Беса, но ја напушти заедно со тогашниот пратеник Бастри Бајрами, кога Биљал Касами реши да се приклучи на тогашниот албанскиот опозициски фронт на Изет Меџити и Африм Гаши.






